Како велиме, младите треба да учат од нас, ние им пренесуваме некои традиционални вредност што треба да ги почитуваат. Ајде сега да си признаеме колку работи ние повозрасните генерации научивме од нив. Единствено од што не отстапувам е солидното домашно воспитување, тоа е основа на формирање на личноста во вистински човек .
Не научија да работиме со компјутери и да се вклучиме на ФБ , инаку како јас ќе пишував а вие ќе ги читавте моите раскази. Преку ФБ запознав многу млади луѓе, некои од нив и лично. Не се сите, но ги има прекрасни млади луѓе и во една прилика со еден пост јас лично им се извинив за сите предрасуди што ги имав за нив . Паметни, духовити, иновативни, хумани, членови на разни хуманитарни организации, воспитани, со достоинство, самопочит и почит кон сите луѓе. Не ги сакаат нашите плетени, везени работи, нашите гоблени (очи ни истекоа додека ги везевме) и нормално дека не ги сакаат кога не се вклопуваат во нивниот модерен намештај и нивниот стил на живеење.
Подржувам секоја пластична операција кога се работи за корекција на некој физички недостаток, кој претставува психичка траума за некој млад човек . Оние другите, вградување на силикони на сите страни е лична определба и за тоа немам никаков коментар . Возрасни се и можат да прават со своето тело се´ што сакаат. Не готвеле дома ! А зошто да готват, да си го засмрдат домот на манџоина а косата на кромид . Еднаш на гости кај нејзините, еднаш кај неговите, два- три пати во ресторан и помина неделата.
Да ве прашам, ама да бидете искрени, да имавме и ние таква опција , сигурно ќе ја користевме и ќе ни останеше појќе време за други работи кои се битни за еден млад човек, да се прошета, да оди во театар , на кино, во ресторан.
Зошто да ги пеглаат и штиркаат чаршафите кога уште првата вечер ќе се истуткаат, што значи џабе фрлено време. Не пеглаат пелени затоа што користат памперси за еднократна употреба. Ми се плаче кога ќе ми текне колку работа имаше со тие пелените – тетра,некои и специјално шиени и обрабени со крепсатен. Да ги исчистиш прво на рака а потоа да ги пикнеш во машина, да ги спростреш на некоја жица и на крај да ги испеглаш .
Се продаваат прекрасни работи , како за бебиња, така и за малите деца и нема потреба да се грижат околу тоа, ќе го стуткаат памперсот и ќе го фрлат, многу едноставно и практично. Одат на козметичар, на масажа , на педикир , на јога , на фитнес, нека одат , тоа е грижа за сопственото здравје и желбата да изгледаат убаво и неговано. И ние се префрливме од стандардните Нивеа, Солеа,на понови и поефикасни помади и козметички производи, и ние одиме на козметичар , фризер , педикир .
Сега и јас не тресам ќилими како на времето кога ќе ги префрлев на една шипка во дворо и удри со тресалката по него, како да ми беше крив за нешто . Думани се креваа, ќе се изнаголташ прашина и ќе ја завиеш во магла цала Боримечка. Не ги перам и во дворот , ќе си викнам сервис за перење ќилими, ќе ги земе, ќе ги испере и ќе ти ги врати , ако сакаш и ќе ти ги намести. Единствено што уште немам викнато некој да ми чисти дома, сеуште можам полека да ја исчистам куќата , ако треба ќе чистам и цела недела . Тоа ми доаѓа како некое вежбање во некоја теретана. Паметни се овие наши деца, им всадивме некои морални вредности , тие пак си го прифатија целиот технолошки напредок, си го олеснија животот, им остана појќе време за себе, за семејството , за да прошетаат. Уште кога работите би биле посредени, кога би имало работа за сите , ќе немаше посреќен народ од нас. Најважно да се живи и здрави, се´ друго може да се среди и да се надокнади. Велиме дека нашето време иако се живееше поскромно беше среќно, затоа што бевме млади и цел живот беше пред нас .
И сегашниве генерации по многу години ќе зборуваат со многу носталгија за своето време и ќе наоѓаат мани на некои нови млади луѓе. Кога би имале повеќе разбирање за младите, за нивното однесување не би доаѓале во ситуација да се расправаме за безначајни работи. Никогаш не барам од вас да ги прифатите моите совети, само да размислите. Имајте убав ден и една голема прегратка за сите вас ! ПАЦЕ !
Анастасија Кокан Петровска