ОД ОСМАНЛИСКИ КОНАК, ПРЕКУ ВОЕНА КОМАНДА, ДО ДЕНЕШНАТА ОПШТИНА БИТОЛА

од • September 20, 2026 • 0 коментари

Една од најпрепознатливите градби во центарот на Битола, во која денес е сместена Општина Битола, зад своите ѕидови чува повеќе различни периоди од историјата на градот.

Во времето на Османлиското Царство била позната како Manastır Hükümet Konağı, односно Владиниот конак – административна зграда во срцето на тогашниот Манастир. Битола во тој период била еден од најзначајните административни, воени и културни центри на европскиот дел од Империјата.

Конакот се поврзува со периодот на султанот Абдул Хамид II и времето на големите административни реформи и модернизацијата на државната управа. Не бил само репрезентативна градба, туку место од кое се управувало со значаен дел од тогашниот Битолски вилает.

Особено е интересно што околу 1900 година во комплексот на Хукумет Конакот биле сместени и простории на тогашниот затвор.

Со промените на државите и системите се менувала и функцијата на објектот.

Во поновата историја зградата ја паметат и генерации битолчани од времето кога Битола била голем гарнизонски центар. Во периодот на Југословенската народна армија, а потоа и во првите години на Армијата на Република Македонија, објектот бил користен за воени потреби и командни структури. Битолчани и денес го паметат како место поврзано со дивизијата и гарнизонот.

Битола, впрочем, со децении била еден од позначајните воени центри во овој дел од земјата – традиција што оди многу подалеку во минатото, кога градот бил седиште и на Третата османлиска армија.

Денес историскиот Конак е зградата на Општина Битола.

По реставрацијата, фасадата повторно го доби својот впечатлив изглед, со бои избрани во согласност со историскиот карактер на објектот.

И така, една зграда во срцето на Битола раскажува приказна за неколку држави и неколку епохи – од османлиски Вилаетски конак, преку воените години на ЈНА и АРМ, до домот на денешната локална самоуправа.

Зградите понекогаш се најдобрите сведоци на историјата. Само треба да знаеме да ги „прочитаме“.

Babam Bitola

Comments are closed.