За Маја Андоновска Илијевски, СИДО не е само детски фестивал, тоа е спомен, емоција и дел од животниот пат што трае повеќе од три децении.

Првпат застанала на сцената на СИДО во 1994 година, кога имала само 10 години, а интересен детал е што истата година на фестивалот пееле и таа и нејзиниот брат.
„Моментот кога се креваше црвената завеса во Центарот за култура, заедно со Химната на СИДО, ќе го паметам додека сум жива. Мислам дека тој миг, таа радост и возбуда ми го дефинираа патот кој денес го одам“, раскажува Маја.

Овојпат, таа не беше само дел од концертот како поранешен учесник, туку и една од луѓето кои стоеја зад организацијата на големиот јубилеј „30 години СИДО“.

Заедно со Дарко Шерденков и Владимир Димовски, идејата за повторно обединување на поранешните СИДО учесници тлеела со години.
„Многу се радувам што и двајцата го прифатија мојот предлог да ги побараме некогашните СИДО учесници. Најголема радост ми е што скоро сите прифатија да бидат дел од овој голем јубилеј и што заедно испишавме една ноќ која ќе се памети“, вели Маја.

Емоциите, како што раскажува, биле пресилни, а дружбата и меѓусебната поддршка, непроценливи.
„Не е лесно после 30 години да застанеш на сцена и да пееш во живо, особено ако не се занимаваш со музика, и затоа капа им симнувам на сите до еден“, додава таа.

Маја во 1994 година ја испеала песната „Досадна недела“, која денес останува една од песните што публиката сè уште ги памети и пее.
„Кога првично ја добив, не бев баш најсреќна. Јас темпераментно дете на кое никогаш не му било досадно, да пеам песна за досадна недела. Си имав замислено дека треба да пеам за симпатија“, се смее Маја.

Но денес, гледа поинаку на таа приказна.
Песната е со музика и текст на Петар Ѓоргиевски Калица, авторот на легендарната „Ако одам во Битола“, а аранжманот е на Миодраг Нечак Микс, со кого и денес соработува.
„Ако можам да се вратам назад пред 32 години, повторно би ја избрала за моја“, вели таа за песната што во 1994 година освоила прво место од учесниците на фестивалот.

Посебен куриозитет е што Маја на концертот ја носела истата оригинална СИДО кошула и елек од 1994 година, а морала да купи само нови траперки.

„Беше навистина интересно што кошулата и елекот сè уште ми се точни“, вели низ насмевка.

Но, најсилниот момент за неа бил нешто сосема друго.
„На оваа прослава, на иста сцена настапив јас, брат ми и мојот син. Сите велат сме имале наследник, а јас се радувам што ние имаме заеднички спомен. Има мигови и емоции кои траат засекогаш. СИДО е една од нив“, вели Маја.
И навистина, некои песни не стареат. Само растат заедно со генерациите.










