Три децении по првиот настап на сцената на СИ-ДО, битолчанката Ана Иванова повторно ја разбуди носталгијата кај публиката со песната „Боби баш ми е гајле“, песна што ја одбележа нејзината детска музичка приказна.

Ана открива дека имала само 9 години кога застанала на сцената на легендарниот фестивал, но патот до песната воопшто не бил лесен. Пред да стане дел од СИ-ДО, поминала низ повеќе аудиции, а дома долго време не кажувала ништо за тоа.
„Имав 9 години кога ја пеев песничката, а за да добијам песна, требаше да поминам низ многубројни аудиции. Дома ништо не кажував сè додека не ми дадоа песничка напишана на ливче хартија за да го научам текстот, а мелодијата ја запомнив од прва“, раскажува Ана.

Интересна е и приказната зад самата песна. Првичниот текст бил наменет за момче кое пее за девојче по име Весна, но организаторите сакале текстот да биде прилагоден за неа.
„Ме прашаа дали имам симпатија за да ми напишат текст за него. Бидејќи тогаш немав симпатија, подоцна ми дадоа нов текст, за Боби“, низ насмевка се присетува Иванова.

Посебно ѝ останал во сеќавање моментот кога дома првпат го покажала текстот.
„Се сеќавам како да беше вчера, кога на татко ми му го продадов ливчето со песна, а тој зачудено ме гледаше“, вели таа.
И денес, по 30 години, Ана ја пее истата песна со иста емоција.
„Песната ја пеев и тогаш, а ја пеам и сега, со многу емоција и љубов. Иако не пеам за реална личност, влегувам во улогата и ја доживувам како да е вистинска“, додава таа.

Враќањето на сцената на СИ-ДО ’94 за неа било посебно и незаборавно искуство.
„Енергијата на публиката ме понесе и можноста повторно да се доживее СИ-ДО ’94 беше едно бесценето чувство“, вели Ана.
Иако денес нејзината професија е сосема различна, музиката, како што признава, останала неизбежен дел од нејзиното секојдневие.
„Нема ден, а да не слушам музика. Таа ми ја полни душата“, порачува Ана Иванова

