Битолскиот билијардист Игор Радичоски, член на Спортскиот билијард клуб „Лонгони“ од Битола, оствари нов значаен успех, освојувајќи го првото место на Шестиот Мастерс во Б дивизија, во дисциплината „осумка“ (8-ball).

Искусниот Радичоски со сигурна игра, концентрација и прецизни удари успеа да стигне до победничкиот трофеј, потврдувајќи дека и понатаму припаѓа меѓу квалитетните натпреварувачи на македонската билијардска сцена.
Неговиот успех добива дополнително значење ако се земе предвид дека на почетокот на натпреварувачката сезона 2026 година, на првиот Мастерс во Б дивизија, го освои второто место во конкуренција на дури 99 натпреварувачи.
Тогаш Радичоски стигна до финалето, каде што по неизвесен натпревар беше поразен од Даниел Муканов од Струмица со резултат 6:4.
Неколку месеци подоцна, битолчанецот повторно се најде во центарот на вниманието, овојпат како победник на Шестиот Мастерс.
Интересно е што уште на почетокот на сезоната неговото враќање на натпреварувањата беше проследено со изненадување, бидејќи постоеле размислувања дека искусниот билијардист можеби ќе се повлече од активното натпреварување.
Сепак, Радичоски покажа дека искуството, упорноста и љубовта кон билијардот се важни предуслови за постигнување врвни резултати.
Со оваа победа, СБК „Лонгони“ – Битола добива уште еден значаен спортски резултат, а Битола уште една причина за гордост.
Честитки за Игор Радичоски и желби за нови успеси на зелената маса!
