Битола има посебно место во животната и музичката приказна на Славе Димитров. Тука е роден, тука ги направил првите музички чекори, а токму во Битола ја создал и мелодијата на неговата безвременска „Чија си“.

Деновиве излезе истоимената авторизирана биографија од Максим Ристески, во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“. Книгата го следи патот на композиторот, пејач, аранжер и музички продуцент од битолското маало Генимале до неговото значајно место во македонската забавна музика.
Славе Димитров е роден на 1 јуни 1946 година во Битола. Биографијата пристигнува во година на три значајни јубилеи: неговиот 80. роденден, шест децении творештво и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.
Музиката за песната ја компонирал во 1969 година во Битола. Две години подоцна, на фестивалот „Скопје 71“, таа била изведена во две верзии, од самиот Димитров и од Крунослав Киќо Слабинац, освојувајќи ја втората награда од публиката.
Низ лични приказни и сеќавања, новата книга го доближува човекот зад песните што ги поврзуваат генерациите.
За битолчани, ова е и повод повторно да се потсетат дека една од најпрепознатливите македонски мелодии го започнала својот живот токму во нивниот град.
Извор: Сакам да кажам, „Литература.мк“ и Кинотека на Македонија.