Битола, градот кој ја воспостави графиката како свој културен амблем, вечерва повторно го слави овој универзален јазик преку една уникатна изложба која спојува две уметнички епохи и двајца генијални творци – Ранко Струмениковски и Леонард Готлиб.

Вечерва, во 18:00 часот, во Галеријата, музејот и ателјето на Ранко Струмениковски, ќе биде претставена изложбата на делата на светски познатиот аргентински графичар Леонард Готлиб, добитник на Гран При на Меѓународното графичко триенале во Битола. Изложбата е посветена на 88-годишнината од раѓањето на Ранко Струмениковски, човекот кој графиката ја направи гордост на Битола.

Замислете една средба – Ранко, со својата визија за графиката како израз на човечката душа, и Готлиб, со своите урбани лавиринти кои поттикнуваат грижа за природата. Физички, тие не можат да се сретнат, но вечерва нивната уметност ќе „разговара“ преку линиите и формите кои премостуваат времиња и континенти.

Кој е Леонард Готлиб?

Роден во Ресистенсија, Аргентина, тој е генијален графичар чии дела ги комбинираат емоциите и рационалноста. Со над 60 меѓународни награди, неговите графики се аларм за еколошката состојба и повик за акција. Неговата мисла „Моите графики ги тераат луѓето да се грижат за природата“ ја доловува суштината на неговото творештво.

Место: Галерија, музеј и ателје „Ранко Струмениковски“
Датум: 21 ноември 2024 г.
Време: 18:00 часот