hdr

Една од многуте слики на градот за кои се врзуваме идентификувајќи се како битолчани: Саат-кулата. Колку навистина знаеме за неа?

“Во пишаните податоци Сат-кулата се споменува уште во XVII век, меѓутоа поради тоа што никаде не постои опис на таа Саат-кула не се знае точно дали е тоа истата оваа кула која постои и денес. Освен тоа по кажувања постојат податоци дека денешната Саат-кула е градена во исто време како и црквата Св. Димитрија што значи во 1830 година.

Според браќата Константинови: “Соѕидан е во XIX век. По раскажувањата на населението турската власт собра од битолските села околу 60 000 јајца и ги употреби при ѕидањето, заедно со малтерот, за да бидат ѕидовите поотпорни и цврсти.
Дали е ова вистина или само предание не знаеме, пишани податоци за тој настан досега не се откриени. Многу патеписци кои поминале низ Битола не ја споменуваат Саат-кулата иако не пропуштаат да ја опишат убавината на џамиите со високите минариња. Дури во 1911 година во својата “Кратка историја на битолскиот вилает” Мехмед Тефик запишувајќи настани во врска со безистенот, попатно го споменува саатот: “Тој чувен безистен бил овој сегашниот што се наоѓа зад големиот саат.”
Почнувајќи од оваа книга и сите други податоци со кои располагаме за Саат-кулата се од овај век. Така според фотодокументацијата на спомениците на културата, природните реткости, Музеј и Галерија” – Битола, Саат- кулата воопшто нема диск со броеви и стрелки за покажување на времето се до 1924-1927 год. Сликата е снимена до 1912 година и на неа се гледа дека на местото каде треба да бидат бројчаниците има лачни пенџериња.

Просторијата на ниво на терасата е со отворени пенџерина без панѕури, како лога, и во неа се обесени ѕвона, што значи означувањето на времето било само со звучни е снимена по 1924 год.”, разликата е само во тоа што фасадата помегу мермерните
столбови е пребојадисана со темна боја. Во судските списи на Градското поглаварство на градот Битола го наоѓаме следното решение: “Да г. Стеван Филиповиќ, овдешен сајџија, се постави за општински хонорарен сајџија со месечен хонорар од дин. 300-тристотини, со тоа да парите му се сметаат од 3-ти февруар 1927 год. како ден на стапување на должност. На другата страна од документот читаме:”Денес го донесе клучот од саат кулата г. Наум Цингара за досегашен сајџија кој е отпуштен од служба со решение на судот.” Што значи дека веќе во 1927 год. постои саатен механизам во Саат-кулата. Првиот бројчаник кој е најверојатно поставен во периодот 1924- 1927 год. е бел со црни броеви и стрелки и со помал пречник од овој денешниот.

При тоа се извршени некои поситни измени во изгледот на кулата: пенџерината на просторијата на ниво на терасата се затворени, оградата на терасата е заменета и зајакната со бетонски столбови со квадратен пресек распоредени на секој агол од терасата. Вака е прикажана Саат-кулата и на првиот изработен план, односно снимка, на постојната состојба на кулата од 1-X-1935 година, изработена од инженер Јосиф Скоберне. Бидејќи текстот покрај цртежот е на германски, претпоставувам дека е изработен по порачка на германската фирма “Konfage” од Buer Beurg Osnabrusk, која следната 1936 година ќе изврши
реконструкција на саатниот механизам. Тогаш Германија во знак на благодарност кон градот Битола, затоа што и беше овозможено да изгради Спомен-гробница на нејзините загинати борци од Првата светска војна, му подари нов саатен механизам заедно со музички механизам.

Тој е овој сегашниот кој има црн поголем бројчаник и златно набоени броеви и стрелки. “Донесоа петнаесет што помали што Поголеми ѕвонци, тешки 900 кг. Ја изградија куполата и за повеќето од нас чудото се случи. Одекнаа звуците на “Билјана платно белеше”. Меѓутоа по еднаш дневно одекнуваа звуците на “Свети Сава” и на една позната фашистичка песна… Кога градот падна под бугарско фашистичко ропство, поради “Шуми Марица” на сите ни омрзна, кажува Никола Стојановски во написот за вековниот сведок.

Според него истата 1936 год. стариот механизам и бројчаник биле вградени во кулата на тогашниот монопол.

Саат Кулата кај Монополот

Според неколку години покасно, со завршувањето на Втората светска војна, на неа се 1940 год. на Саат-кулата биле поставени две посматрачници, но веќе после неколку години, по Втората светска војна виореле црвените знамиња кои за првпат ги поставиле партизаните на Седмата ударна битолска бригада Тоде Тодоровски и Никифор Ганаго. После ослободувањето за саатот се грижел Кочо- Барабанцијата кој за време на бугарската власт ги читал нивните прогласи. Тој не бил вешт за таа работа и затоа го вика да му помогне Никола Стојановски или попознат мегу сограѓаните како Коле- Болшевикот. Тој од 1950 година редовно се грижи за саатот волонтерски, сам барајќи помош од работни организации и од општината и редовно одржувајќи кореспонденција со фирмата од Германија која го монтира механизмот.

Преставници на таа фирма повторно доаѓаа во 1962 год. при што, според Фриц Тхурау од Битола , е програмиран музичкиот механизам. Од страна на фирмата била понудена една композиција да биде од Моцарт и пет македонски, но тоа не било прифатено. Тогаш биле извршени и поправки, крпење со малтер и бојадисување на фасадата и било поставено светло од страна на Коле- Болшевикот. Во 1965 год. Коле е званично назначен од Општината да го одржува саатот. Во 1970 год. повторно ја дочекува фирмата “Korfage” која ќе постави нова клавијатура која покрај постојните песни што биле снимени на посебни ленти, можело директно да се свират и многу други композиции. Вакви механизми биле вградени во 180 саат-кули во целиот свет. Никола Стојановски со голема љубов ја извршува својата работа околу Саат-кулата се до смртта во 1986 год. кога доброволно го наследува неговиот син Тоде Тодоровски.

На 02.04.1991 година од Заводот за заштита на спомениците на културата, природни реткости, Музеј и Галерија – Битола е доставено барање од страна на
СИЗ за домување, уредување и употреба на градско земјиште на општина Битола, за поправка на фасадата на градскиот часовник како и нејзино бојадисување.
Со цел да излезе во пресрет при издавањето на локација за бараните интервенции Заводот за заштита на спомениците на културата издаде првични услови за конзервација со напомена дека останатите мерки за заштита ќе се предлагаат перманентно со поставувањето на скелето и извршувањето на потребните истражувања на објектот на лице место.

Со тие услови беше предвидено:
1. Поставување на скеле.
2. Чистење на камената ѕидарија од наслаги на боја и патина со пескарење или челични четки.
3. Затварање на пенџерињата од скалишниот простор со ситна мрежа од внатрешната страна.
4. Поставување на рефлектори кои одоздола ќе ја осветлуваат кулата.
По поставувањето на скелето беше овозможено детално испитување и собирање на податоци за архитектурата, материјалот и техниката на градење како и состојбата на објектот.

АРХИТЕКТУРА

Саат-кулата има правоаголна основа која на приземјето е со страни 5,85 м. х5,76м. Должината на страните постепено се намалува по целата висина на
објектот. На места стеснувањето е нагло. Така на висина од 5,45 м. од теренот со косо засечување на ѕидната маса до висина од 5,58 м. секоја страна се намалува за по 14 см. Со тоа во надворешниот изглед на кулата е издвоен еден приземен дел во вид на високо цокле. Од овде кулата ја менува надворешната форма на основата во осмоаголна, добиена со мало засечување на аглите на правоаголникот. Оваа форма се задржува се до висина 22,40 м. каде со мермерни профиларни квадри, конзолно испуштени над помалите страни од осмоаголникот повторно преминува во правоаголна. Седумдесет сантиметри погоре
е изведен кордонски венец со висина од 35 см. конзолно издаден 13 см. од површината на ѕидот. После него следат две каскадни стеснувања на основата. Првото на 47 см. над венецот повлечено 5 см. и следното на 60 см. од предходното, повлечено на 35 см. Над оваа каскада е најдекоративниот дел на Саат-кулата со кое е нагласена местоположбата на бројчаниците. Овој дел претставува правоаголна призма со висина 3,32 м. на чии четири страни централно е поставен по еден бројчаник, додека на секој агол има по три столба. Еден на самиот агол а другите два столба по еден на секоја соседна страна од аголот. Така во изгледот на секоја фасада се гледаат по два столба од секоја страна на бројчаникот. Столбовите се составени од базис, стебло и капител. Половина од нивниот волумен по вертикала е заробен во ѕидната маса. Површината на каскадата помеѓу базисите е покриена со камени плочи. На ѕидот помеѓу капиталите е изведен мал профиларен венец од ѕидарија и варов малтер. Над него, како и над капиталите, лежи бетонската плоча на терасата со дебелина од 9 см. Терасата има правоаголна форма со димензии 4,4 м х 4,5 м. Оградена е со метална ограда прицврстена во армирано-бетонски столбчиња со квадратна основа 30 см. х 30 см., поставени во секој агол од терасата по едно и високи 90 см. На сите четири страни од оградата е поставена по една железна конзолна конструкција на која е поставена светилка за осветлување на бројчаникот. Во срединаа на терасата, како круна на Саат-кулата се издигнува осмоаголна неправилна призма со висина 3,1 см. оивичена со валчест венец на горниот крај и покриена со купола. На секоја страна од призмата има по еден прозорец со различна ширина, од 65 до 90 см, висина 2,4 м., парапет од 16 см.,
и лачен надпрозорник. Пенџерињата се затворени со метални фиксни панзури од
надворешната и метална мрежа од внатрешната страна. Куполата над оваа просторија е обложена со бакарен лим а на нејзината највисока точка беше поставен громобран и петокрака ѕвезда.
На северната и на западната фасада, наизменично по висина, се распоредени мали пенџериња за осветлување и вентилација на скалите. Тие се со димензија 13 см. х 28 см. и ги има седум на северната и шест на западната страна. На северната фасада е и влезот на Саат-кулата, широк 76 а висок 160 см. Оивичен е со мермерни квадри и лачен мермерен надвратник. Пред него е поставен гранитен скалник со димензии 120 x 32 x 43 см.
Во внатрешноста на кулата разликуваме едно просторно приземје на висина 60 см. од теренот со неправилна форма која произлегува од издвоениот дел во северозападниот агол за сместување на скалите. Просторијата е висока 2,97 м. и над неа има две меѓукатни конструкции од дрвени греди.

Во североисточниот агол од оваа просторија е поставена дрвена ѕидарска скала со која преку отвор на таванот се влегува во осмострана просторија. Отворот во таванот има трапезна форма и се затвора со еднокрилно, застаклено метално пенџерче. Осмостраната просторија и терасата се четвртиот кат на кулата. Подот на просторијата е за 16 см. повисок од терасата која има висинска кота 28.04 м. Во просторијата се сместени лиени ѕвона и чеканчиња на музичкиот механизам. Металниот панзур на североисточното пенџере на долната половина се отвара како вратничка и се излегува на тераса.

МАТЕРИЈАЛИ ТЕХНИКА НА ГРАДЕЊЕ

Саат кулата е масивна градба чиј конструктивен склоп е од ѕидови, масивни спирални скали, дрвени меѓукатни конструкции пaндaнтифи и купола. Целиот корпус на објектот го сочинуваат ѕидовите кои според волуменот, опусот на ѕидање, материјалот и диспозицијата во објектот можат да се поделат на два дела. Првиот дел од темелите па се до терасата е составен од четири нормални еден на друг ѕидови со висина 27,9 м. и променлива дебелина. Во приземјето тие се дебели 168 см. додека на висина на бројчаниците 75 см. Овие ѕидови хоризонтално се укрутени со четири дрвени меѓукатни конструкции е една од
комбинирана масивна и дрвена под самата тераса. Нивната меѓусебна врска е зголемена и со внатрешниот ѕид на скалата, самите скали како и вградените
железни затеги анкерувани на фасадата, видливи под кордонскиот венец и над
влезот во кулата. Од тлото па се до подот на третиот кат карактеристична е ѕидарија од делкан и приделкан камен кон фасадата и необработен кон
внатрешноста на ѕидот со врзно средство варов малтер. Употребениот камен е од
различно потекло: гранит, пешчар или мермер од антички локалитети. Опусот на ѕидањето како и степенот на обработка на каменот зависи од местото на вградување. Така на аглите од објектот вградувани се обработени камења со прав или тап агол како што е над високото цокле. На овие места обработката е толку фина што фугите меѓу камењата се тенки и рамномерни. Површината на овие камења е штокована. Ѕидаријата помеѓу аголните камења е од приделкан или
обичен камен во хоризонтални редови со различна висина. Некаде редот почнува со повисоки камења а кон средината преминува во два или три реда со помала висина. Оваа ѕидарија е со подебели фуги со нерамномерна дебелина а малтерот од нив покрива мала површина од камењата. Ѕидаријата на третиот кат е од мешан материјал: обичен камен со различни димензии и квалитет, тула, делови од тула
кои како да се употребени од некој друг разрушен објект. Ѕидањето е со варов малтер. Со валчесто делкана тула се изведени и делови од стеблата, како и капителите на трите столба на северната страна. Тулата е со димензија 6 x 12 х 25 см. На фасадата малтерот е варов со примеси на слама а од внатрешната страна има повеќе слоеви: едниот содржи толчена тула како агрегат а другиот е
компактен со сивкаста боја.
Во оваа ѕидарија се изведени и четири пенџериња врз кои се поставени бројчаниците. На две третини од висината на пенџерињата накнадно се вградени конструкции од дрвени греди. Првата е со правоаголен пресек во висина 17 см. На неа е изведен таван од трска и варов малтер. На 50 см. над оваа е втората од обла граѓа Ф=16 см. врз која се поставени талпи. Ова
конструкција е видлива преку бащата на предходната пониско поставена меѓукатна конструкција чии греди се во правец север-југ. Функцијата на втората меѓукатна конструкција чии греди се во правец исток-запад е непозната. Претпоставувам дека е поставена од безбедносни причини при непредвидено откачување на теговите. Овие меѓукатни конструкции не се прикажани на планот од 1935 година што значи вградени се при подоцнежни поправки од кои првата е онаа од 1936 год. од страна на Германците.
Десно од влезот во приземната просторија во ѕидот е направено засводено кратко ходниче на чиј крај започнуваат скали. Скалите се спирални, масивни изведени од делкан камен. Скалниците имаат форма на кружен исечок кој на пошироката страна се вѕидува во ѕидот а на помалата оформува цилиндричен столб со дијаметар од 25 см. Ширината на скалите е 65 см. а висината на челата варира од 20 – 25 см. Вакви се вкупно 97 скалници со кои се совладува висината до 22,17 м. Како прв кат на кулата практично се јавува целиот празен простор над меѓукатните конструкции на приоземјето на чиј северозападен агол по цела висина се протега внатрешниот ѕид од конструкцијата на скалите. Во овој простор висат теговите на саатниот механизам. И овој простор има неправилна полигонална форма како приземјето. Скалите водат до вториот кат во кој пристапот е низ западниот дел на просторијата. Таа е правоаголна, со димензии 2,5 м. x 2,6м. И висина 1,7 м. Подот е од дрвени греди поставени во правец исток-запад на кои се исковани штици со различна широчина. Во средината на подот има отвор низ кој висат метални сајли на чии краеви се прицврстени теговите. Покрај северниот ѕид е сместена дрвена скала со осум нагазни површини на меѓусебно растојание од 25 см. со ширина од 20 см. На крајот од скалата влегуваме на третиот кат на висина 24,12 м. И овде меѓукатната конструкција е дрвена. Оваа просторија висински е лоцирана зад делот со бројчаници и столбови на фасадата. Димензиите и се 2,54 м. x 2,71 м. и висина 3,93 м. Од ѕидовите кон таванот преминот е со пандантифи кои преминуваат во сферен појас покриен е со рамна дрвена меѓукатна конструкција. На секој ѕид приближно во средината има по едно пенџере со ширина 75 см. и висина 130 см. со лачен отвор и висина на парапетот 120 см. Секој од овие пенџериња е затворено со металниот диск на бројчаникот. На овој спрат е сместен саатниот механизам во дрвен шкаф. Од него излегуваат две вкрстени шипки во правец на исток-запад и север-југ кои минуваат низ дисковите на бројчаниците и на кои се прицврстени стрелките на саатот. На јужниот ѕид е поставена табла со името на фирмата која го произвела и монтирала саатниот и музичкиот механизам (Ed Korthage & Söhn-Buer Ber Osnabruck
Turmuhren Glockensp Kunstruhren).

Весна Кочанковска