„Екранов“ портрет:
ДОНА ДИМОВСКА
ЌЕ БЕЛА ДОНА!

Од аматерската сцена, преку Академијата стигна и на професионалните штици. По само две секунди разговор, директорот и пожелал „добре дојде“! За нецела театарска сезона „скина“ две-три главни улоги, а неодамна во Прилеп и првата награда:
Најдобар млад актер – Дона Димовска

Јас не сум од оние што сакаат да се истакнуваат, ниту пак од оние што сакаат да бидат во центарот на вниманието. Се трудев да бидам скромна, затоа што мислам дека тоа е единствениот пат до успехот, вели Дона Димовска, млада актерка која неодамна беше прогласена за најдобар млад актер на фестивалот во Прилеп.

Таа е најновата надеж на битолскиот театар, а тоа што толку бргу ги освои симпатиите и наградите, не е случајност. Нејзиниот актерски потенцијал го забележаа уште во аматерскиот театар „Центар“, потоа на Академијата, а сега и на професионалната сцена.

— Од секогаш сум сакала да бидам актерка, раскажува Дона. Моето детство беше исполнето со филмови, претстави, играње улоги пред огледало. Мислам дека тоа чувство беше пресудно да се определам за Академијата.

Родена сум во Битола, тука завршив гимназија и потоа заминав во Скопје на студии. Академијата ја завршив кај професорот Владимир Милчин.