На 3 октомври 1979 година, пред точно 47 години, била донесена одлука со која започнал процесот што на крајот ќе доведе до исчезнување на една од најпрепознатливите градби од стара Битола – зградата на Народниот театар.
Одлуката предвидувала итно да се подготви техничката документација за постојната зграда, со намера уште на 15 октомври 1979 година да може да започне нејзиното уривање. Веста предизвикала силни негативни реакции меѓу битолчани, а дел од граѓаните отворено се спротивставиле на намерата.

Само еден ден подоцна, на 4 октомври, стручниот колегиум утврдил дека објектот има својства на споменик на културата. На 8 октомври Завод и музеј – Битола донел решение со кое зградата добила статус на споменик на културата, а нејзиниот ентериер бил ставен под посебен режим на заштита.
Следувала вистинска битка за стариот театар. Архитектот Љубиша Новаковиќ испратил допис до локалната власт со барање уривањето да запре, предупредувајќи дека одлуката е избрзана. Но правната постапка продолжила, а по одлука на Врховниот суд во јули 1980 биле создадени услови зградата да биде урната.
И тоа навистина се случило.
Во ноќните часови на 30 јули 1980 година, стариот битолски театар бил урнат.
Со него исчезнала градба подигната во 1897 година, но и место со огромно значење за македонската културна историја. Токму во оваа зграда, на 14 ноември 1944 година, била одиграна едночинката „Ѓоре Магаревски“ од Владо Малески – претстава со која се врзува почетокот на Народниот театар во Битола и театарската дејност на македонски јазик.
На местото останале фотографиите, документите и сеќавањата на генерации битолчани.