Врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Р.М.“ бр. 05/02), член 70 од Статутот на Општината Битола („Службен гласник на Општината Битола“ бр. 10/05) и член 80 став 1 од Законот за градење („Службен весник на Р.М.“ бр. 130/09, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12 и 144/12 ), Советот на Општината Битола на седницата одржана на 25.12.2017 година, донесе

О Д Л У К А

за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на

урбана опрема на подрачјето на општина Битола

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со оваа Одлука се утврдуваат критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Битола.

Член 2

Урбана опрема може да се поставува во согласност со закон, прописите донесени врз основа на закон, критериумите и стандардите утврдени во оваа одлука и условите, начинот и постапката утврдени со посебни прописи.

Член 3

(1) Како урбана опрема се смета тоа што е определено во важечкиот закон кој ја уредува предметната материја и други прописи.

(2) Под „јавна површина“ се подразбира простор кој во важечките акти за уредување на просторот е дефиниран и означен со регулациони линии, градежно земјиште кое е во општа употреба и воздушниот простор над него.

(3) Како јавни површини, во смисла на оваа одлука, се сметаат и неизградени површини кои се предвидени за градба, се до реализација на предвидената намена со актите за планирање на просторот.

(4) Слободна проодна површина е дел од јавната површина наменета исклучиво за движење на пешаци, на која не смее да се поставува урбана опрема.

Член 4

(1) Одредбите на оваа одлука се применуваат во управната постапка во која се решава за основаноста на барањето за поставување на урбана опрема на јавни површини.

(2) Одредбите на оваа одлука не се однесуваат на дефинирани градежни парцели согласно детален урбанистички план, каде организацијата на просторот се врши согласно планската и проектната документација (простори на пазари, саеми, автобуски и железнички станици, трговски центри, индустриски и други јавни објекти).

2.-

II. ОПШТИ СТАНДАРДИ И КРИТЕРИУМИ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НА ВРЕМЕНИ ОБЈЕКТИ И УРБАНА ОПРЕМА

Член 5

(1) Со поставување на урбана опрема не смее да се попречува или отежнува користењето на станбените, деловните згради и други објекти, односно нивната функција на живеење или работење, да се загрозува сигурноста на сообраќајот, да се намалува пропишаната слободна проодна површина, да се уништува зелената површина или да се нарушува или намалува естетскиот и општиот изглед на околината, како и да се влијае на вредностите односно да се оштетува или уништува културното наследство.

(2) Урбаната опрема, со својот изглед и форма, не смее да го нарушува или намалува естетскиот и општиот изглед на околината, ниту да влијае на интегритетот на културното наследство, а со вршењето на дејноста не смее да се создава нечистотија, недозволена бучава или непријатна миризба.

Член 6

Поставување на урбана опрема се врши на начин што истата не смее да биде трајно прицврстена за облогата на нагазните јавни површини, а нејзиното поставување и отстранување треба да може да се изведе лесно, едноставно и без оштетување на истата.

Член 7

Урбаната опрема како и јавната површина врз која е поставена мора да се одржува во хигиенски исправна состојба.

Член 8

(1) Поставувањето на урбана опрема, не смее да претставува или да има ефект на бариера во просторот, која може да го попречи безбедното движење на пешаците или да го оневозможи движењето на лица со посебни потреби и на возилата од јавните служби.

(2) При поставување на урбана опрема, не смее да се преземаат градежни зафати, а особено не зафати со кои се менува материјалот и нивелетата на површината што се користи.

(3) При поставување на урбана опрема, не може да се поставуваат платформи или рампи, освен ако служат за нивелирање на подлогата на терен во пад, каде котата на едната страна од платформата се поклопува со котата на теренот и не го попречува или отежнува движењето на пешаците или лицата со посебни потреби.

(4) По искучок од став 3, во зимски период, може да се постават платформи и рампи кои не го попречуваат или отежнуваат движењето на пешаците и лицата со посебни потреби

Член 9

(1) Минималната широчина на улицата на која може да се постави урбана опрема, изнесува 3,2м.

(2) При поставувањето на урбаната опрема мора да се запазат следните стандарди: поставувањето на урбаната опрема мора да биде на минимално растојание

3.-

од 0.80м од рабникот на коловозот (за кошничка за отпадоци, жардињери, информативни паноа и др.) односно 1.5м до 2,5м од рабникот на коловозот (за автобуски стојалишта, киосци, дрвореди).

(3) Минималната височина при поставување на чадори за сонце изнесува 2.4 м, а при поставување на настрешници и тенди минималната височина изнесува 3.2 м.

Член 10

Поставувањето на урбана опрема пред деловните објекти каде што се врши дејност, е дозволено само во широчината на деловниот објект кон јавната површина, доколку се исполнети стандардите од оваа одлука и условите од други прописи.

Член 11

(1) При поставување на урбана опрема на тротоари, минималната слободна проодна површина од попречниот профил на тротоарот изнесува 1,5м.

(2) Исклучок претставуваат простори кај кои во партерот постои реализирана граница помеѓу просторот за движење на пешаци и бараниот простор за поставување на опрема (столпчиња,денивелација и сл.), но просторот за движење не може да биде помал од 1,2м.

(3) Широчината на слободната проодна површина на тротоарите, согласно став (1) на овој член, се мери од рабникот на коловозот или на велосипедската патека. Доколку на тротоарот има дрвја, комунален уред или друг објект, широчината на слободната проодна површина се мери од граничникот на дрвото или од најистурената точка на пречникот на дрвото, на комуналниот уред или другиот објект, во правец на делот од јавната површина што е предмет на користење.

Член 12

(1) Поставување на урбана опрема не е дозволено на делот од тротоарот во зоната на свртување на улицата, односно во зоната на вкрстување на улиците (магистрални и собирни), која изнесува минимум 8,0м од пресечната точка на двете регулациони линии.

(2) Доколку пешачката површина е поголема од 5,0 м во радиусот на свртувањето дозволено е поставување на урбана опрема за летна тераса при што треба да се запази проодна површина со ширина од 2,5м од работ на коловозот односно од најистурениот елемент (дрво, комунален објект или информативно пано).

Член 13

1.При поставувањето на урбаната опрема, покрај стандардите утврдени со оваа Одлука, мора да се почитуват специфичните услови на локацијата, интензитетот на пешачкото движење и видот на дејноста која се врши и слично.

2. Во случај на поставување на настрешници, тенди, истакнување на фирми, поставување на информативни паноа како и друга опрема на објект кој преставува културно наследство, односно поединечно заштитено добро, или на дел од заштитеното добро Старо Градско Јадро на Битола прогласено со закон за културно наследство од особено значење, особено на објекти кои го творат амбиенталниот изглед на заштитените добра Урбаните комплекси „Широк Сокак“ и „Стара Чаршија“ истото се изведува само со претходно обезбедено одобрение од Управата за заштита на културното наследство согласно член 80 став 2 од Законот за заштита на културното наследство.

4.-

Член 14

На ул.„Широк Сокак“ минималната широчина на слободната проодна површина треба да изнесува по 2,25м од двете страни на осовината на улицата, освен во зимски период, кога минималната широчина на слободна проодна површина треба да изнесува по 3м од двете страни на осовината на улицата.

Член 15

Низ улиците во Старата Битолска чаршија минималната широчина на слободната проодна површина треба да изнесува по 1,25м од двете страни на осовината на секоја улица посебно.

Член 16

Во комплексот „Градски реонски пазар“ минималната широчина на слободната проодна површина треба да изнесува 2м од периферијата на објектот.

II.1-УСЛОВИ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НА УРБАНА ОПРЕМА ВО ЗИМСКИ ПЕРИОД

Член 16-а

(1)Секоја година во периодот од 15.11 (ноември) – 15.04 (април), сопствениците на угостителски објекти може да постават УО метална ограда со стакло, само по ширината на објектот, на локациите улица ,,Широк Сокак“ и комплекс ,,Градски реонски пазар“.

(2)По завршувањето на периодот од став 1, сопствениците на угостителските објекти, должни се веднаш да ја отстранат УО металната ограда со стакло како и дрвената платформа (подлога) на сопствен трошок.

(3)Висината на металната ограда со стакло треба да биде 1,80м од кота нула, со тоа што металниот дел ќе биде во висина од 0,9м, а стаклениот дел 0.9м во форма на правоаголник. Металниот дел треба да биде обоен во две бои- зелена маслинеста(Y145) и валкано бела (слонова коска) (X050) (вертикално) согласно каталогот HELIOSS MONICOLOR 720.

(4)На локацијата за која ќе биде издадено одобрение за поставување на УО (метална ограда со стакло), во зимскиот период мора да се постави дрвена платформа (подлога) со минимална висина од 15цм, со соодветна изолација од долната страна

(5)Прицврстувањето на металната ограда со стакло задолжително да биде на дрвената платформа (подлога)

(6)Се забранува прицврстување на металната ограда со стакло на облогата на нагазните јавни површини и на градбите во кои се сместени објектите (членот се однесува за баратели кои имаат објекти на амбиенталната улица Широк Сокак и Стара чаршија.)

(7)При доставување на Барањето за поставување на урбана опрема до Градоначалникот на Општина Битола, задолжително да се достави и Барање до Управата за заштита на културнотo наследство – Скопје согласно член 80 став 2 од Законот за заштита на културното наследство со цел добивање Одобрение од Управата. Во Барањето задолжително да има Извод од централен регистар, детален

5.-

цртеж со опис на постојната состојба на површината на која се бара да се врши дејност, детален цртеж со опис на новата ситуација на површината на која се бара да се врши дејност, како и детали на урбаната опрема што ќе се лоцира на површината на која што се бара да се врши дејност. (членот се однесува за баратели кои имаат објекти на амбиенталната улица Широк Сокак).

(8) На барателот за поставување на урбана опрема кој што нема да добие Одобрение од Управата за заштита на културното наследство, Барањето за поставување на урбана опрема ќе му биде одбиено.

(9)Се забранува поставување на урбана опрема и користење на јавна површина се до добивање на важечко Одобрение во кое ќе бидат пропишани условите за користење.

Член 16-б

Субјектите се должни да го усогласат своето работење со измените од оваа Одлука во рок од 20 (дваесет) дена од денот на влегување во сила на Одлуката.

III. ПОСЕБНИ СТАНДАРДИ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ НА УРБАНА ОПРЕМА

Платформи

Член 17

(1) Платформите за спортски, културни, туристички и забавни настани (манифестации), како и придружните објекти во функција на истите, се со висини и површини кои овозможуваат безбедност при нивното користење.

(2) Платформите се поставуваат на изградено или неизградено градежно земјиште пристапно за поголема група на граѓани, согласно стандардите на оваа одлука.

(3) Поставувањето и отстранувањето на платформата треба да биде непосредно пред и по завршувањето на манифестацијата, а просторот треба да се уреди во првобитна состојба од страна на субјектот кој ја користел јавната површина.

Информативни паноа

Член 18

(1) Информативните паноа служат за јавна намена, за информирање на граѓаните (карта на град Битола, возен ред и друго) и огласување на културно-уметнички, спортски и други манифестации.

(2) Поставувањето на информативните паноа не смее да го попречува нормалното одвивање на сообраќајот или движењето на пешаците.

(3) Информативните паноа може да бидат слободностоечки, преносливи, прицврстени на објект и сл. согласно со Законот за заштита на културното наследство.

Телефонски говорници, поштенски сандачиња, пултови и банкомати

Член 19

1) Телефонски говорници, поштенски сандачиња, интернет пултови и банкомати можат да бидат слободностоечки или прикачени на sид и треба да се поставуваат на начин да можат да ги користат лица со посебни потреби.

6.-

(2) Минималниот простор кој што треба да е слободен пред опремата и уредите од став 1 на овој член изнесува 1,5м х 1,5м, како би се овозможило нивно непречено функционирање и пристап до нив, без притоа да се наруши или оневозможи движењето на пешаците.

Јавни санитарни јазли.

Член 20

(1) Поставувањето на јавни санитарни јазли се врши на уредени површини, во близина на јавно зеленило, паркинг, оддалечени од влезови и излози на објекти.

(2) Јавните санитарни јазли не смеат да го попречуваат користењето на околните објекти и јавни површини. Може да се типски објекти или да се изведени со посебен проект соодветен за избраната локација.

Тераси, шанкови и настрешници

Член 21

(1) Тераси и шанкови се поставуваат во зависност од расположивата јавна површина, при што е неопходно исполнување на условот да не се наруши урбанистичката концепција на просторот и параметрите за непречено и безбедно движење од сите корисници согласно важечкиот општ правен акт кој ги пропишува стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, особено во однос на минималните димензии на пешачки површини – тротоари, по однос на непречено користење на околните објекти и простори за јавна намена, протокот на сообраќајот (пешачки, движење на лица со посебни потреби), пристап на амбулантно, противпожарно, полициско и комунално возило (возила на јавни служби).

(2) Се забранува покривање на урбаната опрема на летната тераса со најлони. За заштита на елементите на урбаната опрема за време на врнежи истата може да се прекрие со лесен материјал или елементите да се отстранат од јавната површина. При тоа се забранува складирање на урбаната опрема покрај излогот и сите видливи страни на локалот кон улица и негово натрупување на куп.

Член 22

(1) На површината на која се поставува урбана опрема за организација на летни тераси дозволено е поставување на: лесно подвижни маси, столици, жардињери, ограда, чадори, настрешници или тенди.

(2) Сите елементи на опремата што се поставува на летната тераса (маси,столици, настрешница, чадори, постаменти за чадори, жардињери, ограда и др.) не смеат да го преминуваат работ на одобрената површина.

(3) Јавна површина може да се користи за летна тераса (вршење на угостителска дејност) со поставување само на опрема за летна тераса, а не и дополнително фрижидери, витрини и друго.

Член 23

(1) Минимална ширина на површината потребна за поставување на урбана опрема која ќе се користи за угостителство за поставување на еден ред маси со столови и клупи изнесува 1,5м.

(2) Масите и столиците како елементи на летната тераса мора да бидат изработени од квалитетни материјали.

7.-

Член 24

(1) Сите направи за заштита од атмосферски влијанија (чадори, тенди и настрешници) поставени на една тераса треба да бидат усогласени по боја и облик и да сочинуваат една естетска целина.

(2) Чадорите мора да бидат со минималната слободна височина од најмалку 2.4м.

(3) Чадорите за сонце поставени и отворени не смеат со ниеден елемент да ја надминуваат линијата на одобрениот простор, поради што можат да ја прекриваат само одобрената површина и не смеат да биде прицврстени за подлогата.

Член 25

(1) Тенди се типски-монтажни елементи со роло механизам, конзолно поставени на чело на објектот и се поставуваат доколку на јавната површина има простор за еден ред на маси и столици паралелно со ѕидот на објектот без потпирачи на јавната површина.

(2) При поставување на тенди над зона во која се организираат летните тераси минималната слободна височина мора да изнесува најмалку 3.2м.

(3) Поставена и монтирана тендата смее да го наткрива само одобрениот простор за летна тераса.

(4) Страните на тендата не смеат да се затвораат со најлон или било каков друг материјал или фиксна конструкција која вертикално ќе се спушта од тендата заради изградба на зимска градина на јавна површина.

Член 26

(1) Настрешница е лесен монтажно – демонтажен елемент кој се поставува на два столба кои не смеат да бидат прицврстени за јавната површина, со платно и со роло механизам.

(2) При поставувње на настрешници минималната слободна височина мора да изнесува најмалку 3.2м.

(3) Доколку се поставува настрешница, не се поставуваат други видови на направи за заштита од атмосферски влијанија.

(4) Страните на настрешницата не смеат да се затвораат со најлон или било каков друг материјал кој вертикално ќе се спушта до подлогата.

Член 27

(1) Жардињерите поставени на летна тераса не смеат да излегуваат со ниеден елемент надвор од дозволениот простор за летна тераса, да бидат фиксно прицврстени за подлогата или да имаат висина поголема од 0,8 м.

(2) Жардињерите треба да бидат изведени од квалитетни материјали со високо естетско ниво и да се вклопуваат во амбиентот.

(3) Во пешачките зони не се поставуваат жардињери кон пешачката зона, односно истите се поставуваат само помеѓу соседни летни тераси.

8.-

Самостоечките рекламни паноа

Член 28

Самостоечките рекламни паноа се поставуваат на пешачки и зелени површини во профилот на сообраќајниците, а во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на РМ” бр.54/07, 86/08, 98/08, 64/09, 161/09, 36/11 и 51/11) и посебен акт на општина Битола.

Опрема за забава на деца и детски игралишта

Член 29

(1) Опремата за забава на деца може да се постави по повод државни и верски празници и други манифестации на места каде има доволен простор за тоа (поголеми јавни површини или неизградено земјиште), во близина на паркинг простор, а просторот се дава на краткотрајно користење до 30 дена.

(2) Детско игралиште може да се постави на изградено и неизградено градежно земјиште погодно за таа намена. Може и во уредено зеленило.

Фонтани, чешми, клупи и корпи за отпадоци

Член 30

(1) Фонтани, чешми, клупи и корпи за отпадоци со и без пепелници се поставуваат на јавни површини, во зависност од бројноста и потребите на корисниците. Клупите и корпите за отпадоци се дел од урбаната опрема на градот и се поставуават на поголема јавна пешачка површина, плоштад, поголеми пешачки патеки, на автобуски постојки од сите типови и на други локации.

(2) Покрај клупите потребно е да има обезбеден поплочен простор со димензии од 1,0м х 1,2м за лицата со посебни потреби.

(3) Корпите за отпадоци може да бидат поставени: слободностоечки или прикачени за светилки или фасади на објекти.

Жардињери, граничници

Член 31

(1) Жардињери со цвеќе и граничници се поставуваат со цел визуелно да се ограничи просторот определен за урбана опрема од слободната проодна површина или да се ограничи просторот помеѓу сообраќајница и пешачка површина.

(2) Одобрението за овие елементи е со времетраење колку и одобрението за поставување на урбана опрема, при што по истекот на важноста на одобрението овие елементи треба целосно да се отстранат од просторот.

(3) Максималната висина на жардињерите и граничниците е 0.80 м.

Тезги

Член 32

(1) Тезги се лесно подвижни елементи на урбана опрема кои се поставуваат по повод празници и манифестации или на простори во градот определени со посебни елаборати и служат за продажба на соодветни производи на пригодната намена. Не е дозволена продажба на храна.

9.-

(2) Тезгите треба да се со унифициран изглед и боја, соодветни на спецификите на локацијата.

(3) Максималната површина на тезгите изнесува 2,0 до 4,0 м2, и се поставуваат и отстрануваат по завршување на дејноста.

(4) Не е дозволено поставување на тезги пред влезови на јавни, деловни и станбени објекти.

Елементи за изложување на производи

Член 33

(1) Елементи за изложување на производи се витрини, полици, фрижидери.

(2) Елементи за изложување на производи се поставуваат на јавна површина пред деловни објекти, по правилo во широчината на челото на локалот, без можност за нивно поставување во уредена зелена површина.

(3) Елементи за изложување на производи се поставуваат покрај sидот на локалот.

(4) Над елементите за изложување на производи може да се поставуваат тенди за заштита, конзолно на челото на објектот без вертикални потпирачи.

(5) Просторот што се користи за излагање на производи не смее да се оградува и затвора на било кој начин. (најлони, застаклување и слично)

Член 34

Од поглавјето ІІІ Посебни стандарди за поставување на урбана опрема во заштитено добро ,,Старо Градско јадро‘‘ и поединечно заштитени објекти, ќе се применуваат одредбите согласно член 80 став 2 од Законот за заштита на културното наследство („Сл Весник на РМ бр.: 20/04; 71/04; 115/07; 18/11; 148/11; 23/13; 137/13; 164/13; 38/14; 44/14; 199/14; 104/15; 154/15; 192/15 и 39/16) и Законот за прогласување на старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење (Сл. Весник на РМ бр.169 од 30.09.2015 год.).

IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 35

Оваа Одлука влегува во сила со денот на донесувањето и ќе биде објавена во „Службен гласник на Општината Битола” и ќе стани составен дел од Програма за поставување на урбана опрема на подрачјето на Општина Битола.

Со влегување во сила на оваа Одлука, престанува да важи Одлуката за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Битола (,,Службен гласник на општина Битола,, бр.7/13)

Бр. 09-100/26 ПРЕТСЕДАТЕЛ

25.12.2017 г. на Советот на Општината Б и т о л а Валентин Груевски


ЗАКОНОТ ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА СТАРОТО ГРАДСКО ЈАДРО НА БИТОЛА ЗА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД ОСОБЕНО ЗНАЧЕЊЕ

Доколку некој ги има прекршено одредбите од Одлуката или Законот се пријавува во Општина Битола ТУКА, Музеј Битола и Завод за заштита на културното наследство во Скопје.