Оваа година КУД „Илинден“ Битола, едно од најстаритe фолклорни друштва во Македонија, го одбележува своето 69-годишно постоење со концерт насловен како „На паниѓир“, проект поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Битола. Концертот ќе се одржи на 14 декември во Центарот за култура Битола, со два концерти. Детски концерт од 17:00 часот, на кој гости ќе бидат фолклорната група од Хвар, Република Хрватска, и главен концерт на ансамблот од 19:30 часот, со гости од Република Грција.

Разговор со Антонијо Димитровски, претседател на КУД „Илинден“

Што претставува КУД „Илинден“ за Битола и Македонија?

КУД „Илинден“ не е само фолклорно друштво, туку и симбол на македонската култура и историја. Со нашата 69 – годишната традиција, ние сме мост што ги поврзува генерациите и го чува македонскиот фолклор. Клучот за нашето долгогодишно постоење лежи во љубовта кон фолклорот и тимскиот дух. Секоја нова генерација вложува труд, а ние постојано се збогатуваме со нови настапи и ја унапредуваме нашата меѓународна активност, што ни овозможува да го претставуваме македонскиот фолклор ширум светот.

Што е вашата порака до публиката?

Ги покануваме сите љубители на македонскиот фолклор да ни се придружат на концертот. Ова е настан кој ќе ве потсети на убавината на нашето културно наследство. Вашето присуство ќе биде голема чест за нас и ќе претставува важна поддршка во нашето стремење да ја чуваме и пренесуваме македонската традиција на идните генерации.

Што ќе ни каже Александар Стефановски уметнички раководител на КУД „Илинден“ , за годинешниот концерт? Што може публиката да очекува од главниот концерт?

Преку песни и ора ќе ги презентираме традициите од Беломорието, како Воден, Меглен, Лерин, Његуш, Бојмија, Солун и Преспа. Со звукот на трубата и кларинетот од западот, и зурлите од истокот, беломорскиот мелос ќе ги направи вашите предпразнични денови повесели. Публиката ќе има можност да ужива во оригиналните носии, мелодиите и ритмовите кои го одразуваат богатството на нашето материјално и нематеријално културно наследство.

Како се подготвувате за овој настан?

Подготовките беа интензивни, но исполнети со огромна посветеност и енергија. Секој член даде свој придонес. Ова е настан кој бара тимска работа, но истовремено носи огромна радост што можеме да ја споделиме со нашата публика.

КУД “Илинден” со секој настап го збогатува македонското културно наследство, ширејќи го почитувањето на традициите. Нивната посветеност ги прави амбасадори на македонскиот фолклор, истакнувајќи ја убавината на нашите традиции. Со своите настапи, тие не само што го инспирираат духот на публиката, туку и го пренесуваат македонскиот фолклор на идните генерации, продолжувајќи да ја носат гордоста на нашите обичаи.

Почитувани пријатели, ве очекуваме во сабота 19:30 часот во големата сала на НУ Центар за култура Битола.