Во НУ Завод и Музеј Битола, во спомен-собата посветена на Мустафа Кемал Ататурк, беше одбележана 127-годишнината од дипломирањето на основоположникот на Република Турција во битолската воена гимназија.

На свеченоста присуствуваше градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој заедно со претставници на институции, дипломатски претставништва и делегации од нашата држава и од Турција положи цвеќе пред споменикот на Ататурк.

На настанот беше истакнато значењето на битолската воена гимназија, каде што младиот Мустафа Кемал го започнал својот образовен и интелектуален развој. Токму во Битола, под водство на угледни професори и педагози од тоа време, се формирале неговите први идеи и визии кои подоцна ќе имаат значајно влијание врз создавањето на модерната турска држава.

Свеченоста уште еднаш ја потврди историската и културната врска меѓу Битола и Турција, како и значењето на градот како место што оставило трага во животот на една од најзначајните личности во современата историја.

