Изградбата на планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер влегува во завршна фаза, беше истакнато на координативниот состанок одржан во кабинетот на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Фото есен 2025 г.

На состанокот, покрај градоначалникот и секретарот на Општината, Борче Димитровски, присуствуваа и претседателот на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, Диме Попов, Гоце Стојаноски – директор на фирмата изведувач „Стентон градба“, ангажирана од ПСК „Пелистер“, како и директорот на ЕСМ Молика, Горан Исков.

Како што беше посочено, околу 90 проценти од бетонско-армирачките работи и кровната конструкција се веќе завршени. Во наредниот период останува реализација на дел од фазите поврзани со архитектурата, како и инсталациите за водовод, канализација и електрика. Планот е изградбата на домот целосно да заврши до октомври оваа година, додека опремувањето на хотелскиот дел – собите и внатрешниот инвентар – е предвидено да се реализира во текот на 2027 година.

Од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ беше нагласено дека домот „Копанки“ претставува исклучително значаен проект за клубот, но и за сите љубители на планината, планинарството и зимските спортови, како симбол на обновата и развојот на планинската инфраструктура на Пелистер.

На состанокот беше истакната и улогата на ЕСМ Молика, која годинава го промовираше ноќното осветлување на скијачките терени и континуирано работи на осовременување на ски-инфраструктурата на Копанки, во тесна соработка со ПСК „Пелистер“ и Општина Битола.