Со свечена програма исполнета со културни и книжевни содржини, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ќе го одбележи јубилејот 81 година од своето основање. Настанот ќе се одржи на 25 март 2026 година (среда) со почеток во 18 часот, во салата за промоции на библиотеката.
Програмата предвидува поздравно обраќање на директорката м-р Емилија Стефановска Давкова, по што ќе следува доделување на наградата „Роднокраен автор за 2025 година“, како и признанија за најредовните читатели во изминатата година.
Во рамки на одбележувањето ќе биде промовирана и книгата на проф. д-р Зоран Пејковски „Св. Климент Охридски во современата македонска творечка инспирација“, со промотор проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература при УКИМ. Настанот ќе биде збогатен и со музички точки.
Со оваа програма, библиотеката уште еднаш ја потврдува својата значајна улога како културен столб во Битола и активен промотор на македонската литература и творештво.
Организаторите ги покануваат сите љубители на книгата и културата да присуствуваат и да бидат дел од одбележувањето на овој значаен јубилеј.
