Битола и годинава ќе ја пречека Новата година со голема забава и богата музичка програма, но без огномет. Одлуката на Општина Битола е донесена во знак на поддршка на апелите на граѓанските здруженија и во насока на похумано и поодговорно славење на празниците.
Фокусот на новогодишната ноќ ќе биде ставен на музиката, заедништвото и атмосферата, а кулминацијата на вечерта ќе ја донесе една од најпопуларните македонски групи – „Нокаут“, која ќе настапи од 23:00 до 01:00 часот по полноќ на платото пред Офицерскиот дом.
Организираниот дочек е дел од манифестацијата „Зимска приказна“ и, како и изминатите години, ќе се одржи на платото на Офицерскиот дом. Програмата започнува уште претпладне, со дневни активности од 11:00 часот, додека во Старата чаршија празничната атмосфера ќе започне од 12:00 часот.
Вечерната програма стартува во 20:30 часот со настап на Борче Наумовски, по што следуваат „Кабаре за раѓањето и вечноста“ и „Баркод бенд“. Сепак, најголемото внимание го привлекува настапот на „Нокаут“, кои ќе ја одбројуваат Новата година заедно со битолчани и гостите на градот.
Иако без огномет, Битола испраќа јасна порака: Новата година може да се дочека гласно, весело и достоинствено, со музика што спојува и без бучава што вознемирува.





