Јавната установа Национален парк „Пелистер“, во соработка со локалното население од село Маловишта и со поддршка на повеќе физички и правни лица, започна со реализација на проект за изградба на нов објект во непосредна близина на црквата „Св. Спас“ (1.886 м.н.в.), под врвот Вртушка (2.010 м.н.в.).

Според информациите споделени од ПСК „Пелистер“, новиот објект првенствено ќе биде наменет за сите посетители на оваа атрактивна планинска локација, која е меѓу најпосетените места во Националниот парк во текот на целата година. Дополнително, објектот ќе служи и за поставување опрема на НП „Пелистер“ за потребите на заштитата на природата и мониторингот на растителниот и животинскиот свет.
Во изминатиот викенд беа реализирани подготвителните активности, при што потребната дрвена граѓа беше транспортирана до локацијата со помош на товарни животни. Работите ќе продолжат и во наредните викенди.

Од Националниот парк упатуваат јавен повик до сите планинари, љубители на природата и верници кои сакаат да се вклучат како волонтери во работните активности и да дадат свој придонес во реализацијата на проектот.

Сите заинтересирани можат да се пријават на е-пошта: np.pelister@yahoo.com.
Проектот се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање и организацијата Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).
