Нема поубав начин да се честита Новата година од една испратена разгледница. Честитка што патува бавно, носејќи ја топлината на раката што ја испишала и трпението на времето во кое зборовите имале тежина. Токму таква разгледница, стара повеќе од еден век, ни отвора денес една речиси заборавена приказна за градови, луѓе и европски врски што некогаш постоеле, а денес живеат меѓу хартијата и сеќавањето.
Разгледницата потекнува од Виена и датира од периодот меѓу 1900 и 1905 година, златното доба на европските честитки-разгледници. На аверсот е прикажана Императорско-кралската дворска опера (K.K. Hof-Oper), симбол на културната и империјалната моќ на тогашната австроунгарска престолнина. Наместо фотографија, мотивот е изработен како литографија – карактеристика на луксузните честитки што се продавале во елитните книжарници и папетерии на почетокот на XX век.

Со натписите „Gruss aus Wien“ и „Prosit Neujahr!“, украсена со детелини, потковици и восочен релјефен печат, разгледницата тргнува на пат. Од Виена, преку Константинопол и железничката станица Сиркечи, таа конечно пристигнува во Монастир – денешна Битола, тогаш значаен конзулски, административен и интелектуален центар во Европска Турција.
Примач на честитката е Иван Константинов Робев, познат битолски адвокат и правник, член на угледното охридско семејство Робевци. Во адресата тој е наведен како Johann Const. Rombi (Robeff), што сведочи за времето кога и луѓето и градовите ги менувале своите имиња зависно од јазикот и културниот контекст. Иван Робев е син на д-р Константин Робев – прочуениот битолски лекар и македонски преродбеник, кој своето медицинско образование го стекнал токму во Виена.
Испраќачите на честитката се Ана и Франц Штајндахнер. Името можеби не кажува многу на прв поглед, но зад него стои една исклучителна европска биографија. Франц Штајндахнер (1834–1919) бил еден од најзначајните природонаучници на своето време – зоолог, ихтиолог и херпетолог со светски углед, долгогодишен директор и интендант на Природонаучниот музеј во Виена. Неговиот живот бил исполнет со научни експедиции од Сенегал до Бразил, од Црвеното Море до Галапагос, како и низ Балканот, вклучително Охрид, Преспа и Битола.
Во 1891 година, Штајндахнер, заедно со д-р Рудолф Штурани, минува низ Македонија на научна експедиција. Патувањето ги води од Солун, преку Дојран, Охрид и Преспа, па преку Битола кон Скопје и назад во Виена. Оваа маршрута, како и трајното присуство на семејството Робевци во Виена преку трговија, образование и професионална работа, отвора сериозно прашање: дали нивното познанство започнало токму во австриската престолнина, многу пред експедицијата низ Македонија?

Новогодишната разгледница, испратена години подоцна од Виена кон домот на Робевци во Битола, денес изгледа како нем сведок на една широка европска мрежа на пријателства, наука, трговија и култура. Таа не ја завршува приказната – туку ја отвора. Упатува кон семејната архива на Робевци, но и кон виенската архива на Франц Штајндахнер во Природонаучниот музеј во Виена, каде сè уште се чуваат трагите од неговата мисија во езерска Македонија.
Разгледницата е само првото камче во еден многу поголем мозаик.
Prosit Neujahr!
Среќна Нова година! 🇦🇹🇲🇰🥂
Огромна благодарност до Диме Ратајкоски за разгледницата и споделените информации.





