Во празнична и топла атмосфера, учениците од Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ – Битола одржаа новогодишна приредба како дел од овогодинешната манифестација „Зимска приказна“, која традиционално го збогатува празничниот дух на градот.

Настанот се одржа на малата сцена во Центарот за култура, каде што присутните имаа можност да проследат емотивна и инспиративна театарска изведба, многу повеќе од обична претстава. Во публиката беше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Учениците ја изведоа претставата „Новогодишната желба на Анабел“ – трогателна приказна за надежта, добрината и љубовта, инспирирана од истоимениот долгометражен детски филм. Преку ликот на едно мало теле кое станува ирвас и едно момче кое не зборува, но го пронаоѓа својот глас, учениците испратија силна порака за прифаќањето, вербата и чудата што се можни кога има љубов.







Преку уметноста, театарот и играта, младите актери потсетија дека празниците не се само време за желби, туку и за дарување, поддршка и заедништво.
„Да бидеме поддршка, да бидеме насмевка, да бидеме ѕвездена светлина. Нека оваа празнична приказна нè потсетува на вистинските вредности и нè исполнува со верба во чудата“, беше пораката испратена од сцената.
На настанот се обрати и директорката на училиштето, Драгана Кирковска, а градоначалникот Тони Коњановски доби благодарница, новогодишна честитка и новогодишен украс изработени од учениците – симбол на внимание, креативност и искрена благодарност.

Со оваа приредба, ОУРЦ „Кочо Рацин“ уште еднаш покажа дека е нераскинлив дел од празничната магија на Битола и вистински пример дека уметноста и инклузивноста одат рака под рака.





