Битолската музичка сцена добива ново освежување со најновата соработка помеѓу КОД 369 и Паркети, кои го промовираа видео записот за песната „Vode nas svjetla“.

Станува збор за инди поп нумера наменета за поширокиот регион, објавена со поддршка на Croatia Records и премиерно емитувана на CMC телевизија. Песната носи летна атмосфера и раскажува приказна за период исполнет со авантури, симпатии и случајни средби, кои лесно можат да прераснат во пријателства и љубовни приказни.
Музиката е дело на Сашо Паркет, текстот го потпишува Ирена Димовска, додека аранжманот е заедничка работа на Даниел Митревски и Сашо Паркет. Снимањето на музиката се одвиваше во студиото Ателје на Даниел Митревски.

Видео записот е реализиран од Дејан Трајчевски од Ендорс продукција, со светло на Никола Георгиевски и шминка на Ксенија. Локацијата за снимање е Центарот за култура во Битола, што дополнително ѝ дава локален печат на оваа регионална музичка приказна.
Изведувачите упатија благодарност до директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, како и до Амир Бахтијаревиќ и Мирна Шкргатиќ за поддршката во реализацијата на проектот.
