Ете, бидна и Нова и Стара Нова
година, па ред е да ви упатам
срдечни честитки и поздрави со
желба за добро здравје, среќа.
Туку, остави друго, само мирно
нека е, и така се со ред… Па, да
Ви посакам да се изжените,
измажите, кола и шпоре да си
купите, башка машина за перење
оти ништо без неа, деца да имате, внучиња да шетате за раче, гости за Велигден да пречекувате (кој слави Бајрам, за Бајрам, разбира се) и на одмор во Лептокарија да одите. И се со ред да си биде.

Заклучно со одењето на
оној свет. Ама како секое дете на
транзицијата, страдам од честа
болест- хроничен недостаток на
оптимизам. Оптимизмот, кај
генерацијата родена кон
средината или пак крајот на седумдесетите правопропорционално опаѓаше со секоја наредна голема победа за Македонија. Кога сме веќе кај
оптимизмот, се сетив дека
Вацлав Хавел во својата книга
Писмата до Олга (збирка писма
кои што бившиот претседател на
Чешката Република и ги пишувал
на својата сопруга додека за
време на комуњарското лежел
затвор), прави јасна разлика
помеѓу оптимизмот и нешто што
тој го нарекува Вера.

Без намера да држам екс– катедра предавања од компаративна книжевност и религија, накусо ќе ви дадам слободен препев на
размислувањата на Хавел во врска со неговото поимање на верата и оптимизмот. Овој вториот е површно, нереално сваќање дека што и да се случи, без разлика. какви се несреќи ќе не навасаат на крајот се ќе се заврши добро.

Верата според Хавел е нешто многу посуштинско, подлабоко. Хавел не мисли само на верата на христијаните во бога, туку и на пример на Џордано Бруно кој што без око да му трепне отишол на клада затоа што верувал во моќта на здравиот разум. Верата, грубо да го интерпретирам Хавел, му дава на нашиот живот подлабока смисла. А кога човек ќе се здобие со вера (или ќе постигне стадиум на вера), едноставно му е сеедно дали
работите ќе излезат на добро или на лошо.

Туку, да не расправам многу филозофија и духовен развој. И
онака за вакви работи го консултирате оној пензиониран
хипик Пауло Куељо. Факт е дека
оптимизам имаме во поголеми
количини. А политичарите го
дистрибуираат помеѓу народот
најчесто пред избори. Поубаво и подобро. Дека може да си ја суредиме живеачката Вера дека сме способни да создадеме општество во кое што не ќе биде голем проблем да го купиме шпорето од почетокот на текстов.
Заборавете дека дремеме со
години како мисири среде купишта на стари идеии, парталави концепти, износени предлози, скинати сугестии, исфлекани идеологии….. (Братислав Димитров во една негова колумна).

Затоа, потрудете се во 2005 да вратите дел од верата. Да верувате дека може да изградиме подобри државни институции. Да Веруваме дека чесноста како начин на живот не и рекла збогум на Македонија. Искрено верувајте дека вие и вашите деца заслужувате подобро од ова што Денес го имате како можност за живот. Нам ни недостига вера. Вера дека се може да биде поинаку. И – дејствувајте! Немојте да дремите како мисири среде купишта на стари идеии. Затоа што не е доволно да се верува, сепак треба нешто да се направи. А што да направите? Е тоа е потешкиот дел. Тоа мора сами да го откриете. За многу години.

П. С. Ако јадевте многу руска
салата и кифлички, веројатно се
здебеливте како стока. Па Нова
Година беше, а не крај на светот!

Текст Кокан Петровски од 2005 г., почивај во мир другар.