Шампионот на Македонија, РК Еурофарм Пелистер, започнува нова акција со која ќе ги обедини своите ракометни легенди на едно место.

Клубот упатува јавен повик до сите поранешни ракометари од Битола кои настапувале за РК Пелистер, РК Пелагонија, РК Работник, РК Еурофарм Работник и РК Еурофарм Пелистер, и имаат одиграно најмалку 101 натпревар за некој од овие клубови.

Секој битолски ракометар што го исполнува овој услов ќе добие сезонски билет за сезоната 2025/26, со гарантирано место во салата „Боро Чурлевски“ за сите натпревари на РК Еурофарм Пелистер и РК Еурофарм Пелистер 2.

Оваа иницијатива е во чест на сите што ја граделе историјата на битолскиот и македонскиот ракомет. Клубот изразува особена чест и благодарност кон сите кои го носеле зелено-белиот дрес и го славеле името Пелистер низ годините.

Легендите што сакаат да бидат дел од оваа акција, своите сезонски билети можат да ги подигнат во канцеларијата на РК Еурофарм Пелистер најдоцна до 5 септември 2025 година.

Битола секогаш памети! Пелистер секогаш ги чува своите легенди!