СНОШТИ ПОМИНАВ, ЗАМИНАВ ПОКРАЈ БИТОЛСКИТЕ КАСАРНИ ….
Поминав , ама ги нема повеќе ! Ова ќе биде еден носталгичен расказ за БИТОЛСКАТА КАСАРНА !
На почетокот на седумдесетите години од прошлиот век се вселивме во зграда која се наоѓа на улица Партизанска и во тоа време буквално беше на крајот од градот! На неколку метри од зградата немаше ниту улица . Се тешев со тоа што Шеталиштето ми беше блиску и што карши нас се наоѓа касарна полна со млади војничиња!
Не будеше наутро трубата а навечер повторно ќе се огласеше , кога порано од нас одеа на спиење! Бевме сведоци на доаѓањето на новите класи војничиња и полагање на заклетва кога улицата ќе се преполнеше со коли , роднини и пријатели од сите бивши југословенски републики . Постојано го чистеа тротоарот од отпадоци, лисја, снег собирајќи ги во некои стари шаторски крила !
Кога во зимскиот период се враќав дома од работа, улицата полуосветлана, нема жив човек, јас поминував од другата страна на тротоарот покрај оградата на касарната . Добивав храброст од младите војничиња- стражари со пушката преку рамо, сместени во малите бетонски стражарници !
Некогаш и ќе се поздравевме!
Потоа почнаа во дворот да ги садат малите борчиња кои по години станаа големи , вистински ѕид од зеленило , нашите бели дробови на улицата која во тој период стана најпрометна, откако се изгради болницата и населбите над неа!
Тогаш на некој му текна да ја дислоцира касарната , односно таа повеќе ја изгуби својата улога!
Сеуште не ми е јасно образложението дека не треба да постои касарна во град кој е пограничен , небаре ќе нападневме некоја држава со оружје што веќе го немавме!
Почнавме со нашите идеи зошто може да се искористи најелитниот простор во Битола! Најмногу навивавме да се претвори во студентски град , со сите факултети и студентски домови и повторно ќе имавме млади луѓе, со нивната врева и игри ! Ќе се искористеа многу од постојните згради и немаше да се исечат сите борови!
Ги залепија новоизградените згради до оградата на касарната и сега немаме ниту зеленило , ниту ветерчето што ни дуваше и не разладуваше од Тумбе кафе! Ако сега го отвориш пенџерето или балконската врата , станот ќе ти се исполни со мирис на нафта, бензин, плин ! Ако некој иден градоначалник добие идеа да ја прошири улицата, единствено решение е да ги земе тротоарите и паркчињата пред зградите и улицата да ни минува директно пред влезот!
Станавме жртви на нечија алчност , неспособност, безидејност!
Но кому му е гајле што ни го зедоа воздухот, го уништија зеленилото и сега со комшиите од карши можеме да се поздравуваме и да внимаваме како се шетаме по дома ! Посебен поздрав до сите жители на улицата Партизанска!
АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА