На 3 септември, со почеток во 13 часот, Нина Ангеловска Станков ќе гостува во UTOPIA во Битола како guest speaker на UTOPIA Academy. Претприемништвото, лидерството, ризикот и одлуките зад успешните бизнис-приказни ќе бидат во фокусот на гостувањето, кое ќе продолжи со разговор за нејзината прва книга „Ништо случајно“ и неформален ручек со бизнис-заедницата.

Една од најпрепознатливите македонски претприемачки и бизнис-лидерки, Нина Ангеловска Станков, на 3 септември доаѓа во Битола на специјално гостување во рамки на UTOPIA Academy.
Основач на Grouper, инвеститор, поранешна министерка за финансии и избрана на листата Forbes 30 Under 30, Ангеловска Станков зад себе има професионален пат кој ги поврзува претприемништвото, технологијата, финансиите и јавниот сектор.
Токму искуствата зад тој пат ќе бидат во центарот на нејзиниот настап, проследен со Q&A сесија со публиката.
Како една идеја станува одржлив бизнис? Како се носат одлуки кога исходот не е извесен? Што можат да нè научат погрешните проценки? Кога ризикот е неопходен за раст? И колкав дел од она што подоцна го нарекуваме успех е резултат на подготвеност?
Ова се дел од прашањата што ќе го отворат разговорот во UTOPIA.
„Ништо случајно“ – приказната зад професионалната биографија
Вториот дел од гостувањето е посветен на првата книга на Ангеловска Станков, „Ништо случајно – Кога подготвеноста ги среќава предизвиците“.
Книгата отвора теми за претприемништвото, професионалните и личните пресврти, лидерството, успехот, грешките и лекциите што ретко можат да се прочитаат во една професионална биографија.
Наместо класична книжевна промоција, во UTOPIA е предвиден интерактивен разговор со авторката и публиката.

Гостувањето ќе заврши со Business Lunch со Нина Ангеловска Станков, замислен како понепосредна средба со претприемачи, сопственици и менаџери на компании и претставници на бизнис-заедницата од Битола и регионот.
Форматот е намерно ограничен на 50 учесници, со цел да се остави простор за директен разговор, прашања, размена на искуства и нови деловни контакти.
Секој учесник ќе добие и примерок од книгата „Ништо случајно“, со можност за персонализирана посвета од авторката.
Гостувањето на Нина Ангеловска Станков е дел од програмата на UTOPIA Academy, чија цел е преку непосредни средби со луѓе со релевантно професионално и претприемачко искуство да отвора теми важни за развојот на локалната бизнис-заедница.
Нина Ангеловска Станков во UTOPIA Academy
3 септември | 13:00 | UTOPIA, Битола
Резервации и дополнителни информации:
https://utopia.digitalvario.com/event.php?id=271
