На крајот од оваа година, „Трчај бе“ ја избра својата Личност на годината.

Таа не е атлетичар, не е јавна личност и не е дел од постерот.
Таа е највозрасната волонтерка на „Трчај бе“ – Љуба Бошевска.
Минатата година, без покана, без пријава и без формален повик, Љуба Бошевска самостојно застана покрај патеката и делеше вода на учесниците. Од убедување дека кога некој трча, не треба да биде сам.
Годинава, таа и официјално се пријави како волонтер. Со тоа стана највозрасната волонтерка во историјата на „Трчај бе“ и симбол на вредностите што оваа трка ги носи од самиот почеток.
Ова не е приказна за години, туку за луѓе.
За она тивко „јас ќе стојам тука“ што ја гради заедницата и ѝ дава смисла на секоја трка.
„Трчај бе“ одамна не е само спортски настан. Трката е и потсетник дека најважните улоги не се на стартот или на целта, туку покрај патеката таму каде што поддршката значи сè.
На Љуба Бошевска ѝ посакуваме среќна и здрава 2026 година. А Трчај бе на нејзината адреса испрати пригоден подарок.





