Во Офицерскиот дом во Битола, вечерва со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „Нешадизми“ од авторот Нешат Аземовски , збирка афоризми, мисли и духовити согледувања на секојдневната реалност, кои на суптилен начин ја спојуваат иронијата со длабоката човечка рефлексија.
„Нешадизми“ претставува мозаик од животни мудрости што истовремено предизвикуваат насмевка и размислување, нудејќи нов агол на гледање кон светот, човекот и општеството. Книгата не е само литературно дело, туку и начин на размислување што ја поттикнува читателската публика да се преиспита и да пронајде поука во секојдневните ситуации.
Промоцијата ќе има и хуманитарен карактер , книгата ќе биде достапна за продажба на самиот настан, а целиот приход ќе биде дониран за хуманитарни цели, со што културата и хуманоста добиваат заедничка мисија.
Издавач на книгата е НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, приредувач и уредник е м-р Фатма Бајрам Аземовска, додека уредник на изданието е м-р Гордана Ѓорѓиевска Неделковски.
Битолската културна јавност вечерва е поканета на настан исполнет со мисла, хумор, емоција и човечност, уште еден доказ дека книгата може да биде и уметност и добрина во исто време.





