(НЕ)ОБИЧНА МОСТОВНА ПРИКАЗНА од Д.Д.Такец за ,,Битолски весник”

од May 3, 2026 0 коментари

„Битолски весник“ на 28 мај 1997 година:

Мемоарски запис за битолската младост (2)

Мостовите: Како „рбет на нашите секојдневни желби, цели, резултати, како опстанок и иднина,

– Мостовите: Како поглед и стремеж: битолски, македонски, балкански, европски, светски, вселенски.

Пишува: Димитар Димитровски – Такец

Замислете, едно утро, дека нема ниту еден мост на Драгор. Дека нечија невидлива магепсничка рака сите мостови во еден налет ги однела. Вие, битолчани, од десната страна на Драгор, замислете, да не зборуваме, дека не можете повеќе да одите во својата возбудена Чаршија, со која толку се гордеете. А, сега, пак, вие битолчани од левата страна на реката, замислете дека сите врски со единствениот Широк Сокак ви се прекинати. Лично сметам дека такво нешто за нас битолчани би било рамно на психолошка траума. За таква болка нема никогаш лек. Зашто тие шеснаесет премостувања на Драгор на подрачјето на Битола, од Довлеџик до Железничкиот мост, мали и големи, дрвени, железни и бетонски, се длабоко врежани во паметењето на секој од нас.

Крвните артерии не само на Градот туку и длабоко во нас. Зашто, секој од нас го има својот мост на детството, па мостот на младоста, па мостот на очекувањето (свадбата – преку кој минува тајфата), па својот пазарен мост итн, итн. Сè до мостот на последното испраќање во вечниот сон, како неминовност.

Прво „крштавање“ кај Рибарницата

Кога деновиве „тарашав“ пребирав во спомените на далечните години, барајќи го својот мост на детството, дефинитивно застанав на мостот кај Рибарницата. Некуј него ја „освои“ Чаршијата. На него ги оставив своите први мостовни и невешти стапалки и првиот страв од реката што долу, во еден пролет, бучеше и носеше пелистерска снеговица.

Тој прв допир и прва љубов со Драгор и со малиот железен мост, кај аптеката на Ахил, ми остана длабоко врежан за сите времиња. И денес, кога минувам по ова мовче, тука „заседнато“ од пред 70-тина години, едно од осумте големи и мали мостови од германските репарации по Првата светска војна, како надомест за штетите што ги претрпе градот во текот на двегодишната блокада (1916-1918), се враќам на 1927 година, кога зарака со татко ми го премостував Драгор кај Рибарницата. Мостот тогаш ми изгледаше како лаѓа преку која одевме во дуќанот на дограмаџиите Зимбиловци во Чаршијата кај Маспазар. Многу пати потоа, бидејќи бев ученик во соседниот основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ стотици пати го минував ова единствено мое мовче на детството, кон дуќанот на дедо ми Спиро Дограмаџијата и неговите пет синови.

Популарно, тоа беше дуќан кај Макирата, инсталирана за ситнување и качување на горниот кат на столици од рогузина, наменети за свадбени свечености, а по половина динар од парче. Сè до четврто одделение мостот кај Рибарницата беше неприкосновен мој сигурен премин на Драгор за влез во Чаршијата. Овој мост ми ја налагаше строго определената траса на движење: реку Рибарницата, ковачите, ортмаџиите, кожуварите, зеленото пазарче и право кај Американџијата со бел мустаќ, односно дедо ми Спиро, на улицата „Поречка“ бр. 2.

Мостот на љубовта на Џафте-корзо

Во долните класови на Гимназијата покрај Драгор, мој мост стана Мостот кај Интифа, или кај Пајтоните, денес Судски мост. Цели осум години го минував, како и многу други ученици од десната страна на Драгор, овој мост. Тука, сигурно за прв пат, ни запна за окото некоја симпатија од колешките без никогаш да сознае. На овој мост имавме и радости, но и таги од некоја слаба оценка.

Преку него итавме на неделните игранки во старата сала за приредби на Гимназијата, и се враќавме разочарани, пак преку него, ако некоја девојка не ни ја прифатеше поканата за танго, или валс. На овој мост ги доживеавме преку Достоевски мостовите на Петроград и некоја Наташа, како суштество блиско по страдања, од нашиот сентимент на „понижените и повредените“. Мостот кај Интифа ми е голем потсетник за утринските поздрави, со вадење на ученичката капа, на професорите по седнати на надворешните маси „Кај Акиф“ сркајќи го своето ритуално кафе. Истовремено, во тие младешки години ги осознавме и другите мостови, како случајни сопатници, на релацијата кон разладните води на Драгор, кај Првен Крст, или најдолу кај Касапницата и стариот железнички премин за некогашниот Чаир, кога Битола беше без фудбалско игралиште, односно се играше на скудниот терен кај кајнакот во Јенимале.

Сепак, еден од најзначајните мостови на нашето младештво беше Гранотел „Америка“, односно Мостот кај Сали Слаткаро, односно и најпопуларно наречен „Мостот на Џафте-корзо“. Ние од Чифтефурини, Ширината кај Монците, Св. Петка, Газиерницата и Руската црква, Бавчите, Бела Чешма, првенствено и Јенимале, понекогаш и Горномаалци првите вистински љубовни трепети, љубовни радости и жалости го доживеавме на овој мост, како стожерник на прочуеното битолско Џафте корзо, кое имаше и Роми рисјани, кои на целиот амбиент му даваа посебен колорит и шарм…

Денешната битолска мостовна состојба на Драгор

Денес, ако не се лажам во броењето, од Довлеџик до железничката линија, на питомата река Драгор, на градска почва, има точно 16 „живи“ (во употреба) мостови.

Но, да почнеме со ред и со нивната кратка историја.

Посебно ќе нагласам некои места со постари мостови кои ги нема, кои најчесто биле однесени од бројните поплави.

1. Мостот кај Довлеџик: на ова место во античкиот период, сигурно, минувал прочуениот пат Виа Игнација. Ние го затекнавме како камен-мост од турско време. Во наше време претрпе неколку проширувања, адаптирања кон современите сообраќајни услови.

2. Црн Мост: Тука од секогаш постоел мост како еден од најстарите премини на Драгор. Тука Турците поставувале некогаш бесилки, па така месноста добила име Црн Мост. Денес Црн Мост е железна конструкција, од тие добиени на име репарации од Германија во 20-тите години.

3. Мостот Каваци или кај Аманот: тука порано беше поширок дрвен мост Сега е мало дрвено мовче со прилично осмислена функција. Името го носи и по некогашните дрвореди на тополи во турско каваци. Точно на ова место во 1920 година во кафеаната “Каваци” битолчани за прв пат организирано и колективно го прославија 1 Мај. Во војново време овој мост доби уште едно име Кај убиените се мисли на сопружниците Цалевски.

4. Мостот кај Гимназијата: тоа е понов мост од армиран бетон.

5. Мостот кај Музичкото училиште: мал мост од армиран бетон. Некои го нарекуваат и мостот кај Ректоратот. Всушност ова е замена за поранешното дрвено мовче кај Пожарната, од кое на Водици се фрлаше крстот.

6. Мостот кај Дивизијата: железно мовче од репарациите.

7. Мостот кај Интифа, или во најново време Судски мост: изграден е од репарациите пред 70 години, во моментот единствен мост на Драгор еднонасочен. Овде е пригода да истакнам дека западното тротоарче со површина од околу пет квадратни е подолго време во мошне лоша состојба. Оттука има луѓе однесени директно на Ортопедско во Болницата. Ова го сигнализирам за градоначалникот и главниот архитект на Битола.

8. Мостот кај Амди Шабан, слаткаро (Безистено): сврзник на двете чаршии во минатото, изграден од репарации. Покрај убавите татлии и баклави, тригони, Амди Шабан знаеше да направи мошне добар мелем за изгореници, за што му благодариме бројни битолчани. По Втората војна замина за Турција.

9. Мостот кај Кантаро, или популарно „13 метри“: по името на должината. Изграден е во 70-тите години и е најголем мост на Драгор.

10. Мостот кај Мушои, во поново време наречен Мостот кај Јонче Сатчијата: тука секогаш постоеше дрвено мовче. Мушои беше продавач на сешто – од игла до локомотива, дури и прашок против вошки, наречен битути. Обновуван е повеќе пати.

11. Ленски Мост, или Мост на мезарлите – шкембаритите: железен мост од репарациите. Тука некогаш се продавале лен и коноп, како и мезиња, а во најново време го нарекуваат и Мост на проматерите. Главна е врата за Битолската Чаршија.

12. Мостот кај Рибарницата: железно мовче од репарациите.

13. Мостот кај Мојсо Млекаро: железно мовче од репарациите. Каква пресипка правеше добриот Мојсо. А пак киселото млеко со нож го сечиш!

14. Мостот кај Сали, или Гранотел, или на Џафте-корзо: мостот од репарациите, во поново време, заменет е со армирана бетонска конструкција и проширен.

15. Мостот кај Касапницата: дрвено мовче, нешто подолу (кај Цреварницата) од претходниот поширок дрвен мост.

16. Железничкиот мост: замена на претходниот железнички мост за стотина метри погоре што го изградиле Германците во 1916 година, а по кој сообраќал малиот воз наречен Чајнико. Овој денешен мост е изграден во 30-тите години.
Пригода е и неодминливо, да се забележи дека една разурнувачка стихија водена стихија во ноември 1962-та година го однесе дрвеното мовче наречено Мостот на Велушка, или кај Балто. Еве, речиси 35 години, луѓето од овој реон на Битола останаа без своето вековно мовче.

Едноставно, роднините се одродија, а за комшиите да не збориме. Оти од мостот кај Сали до Мостот кај Касапницата, ова однесено мовче е на средината има и можеби цел километар. Неправедно е на толкава раздалеченост да нема мост или мовче. Битола не смее да се оглуши на овој случај како до сега. На потег се градските татковци!

• БИТОЛСКИ ВЕСНИК • 28 МАЈ 1997 •

Д.Д.Такец, Перформансите на Широк Сокак

Babam Bitola

Comments are closed.