Високо над Битола, поминувајки ги селата Трново и Магарево, во пазувите на Баба планина и Пелистер во густа борова и елкова шума се наоѓа некогашното одморалиште и опоравилиште “Штампаревац” Битола. 

Ние битолчани од поновите години го знаеме како Детското одморалиште Пелистер. Оддалечено на само девет километри од Битола детското одмаралиште се наоѓа на надморска висина од 1232 метри.

 Одморалиштата на Пелистер биле десет и повеќе години подигнати порано од планинарските домови. Изградено далечната 1925/26 година детското одморалиште “Штампаревац” започна како санаториум за лекување и рехабилитација на истоштени лица, наречен по името на неговиот градител доктор Андрија Штампар, министер за здравство на СХС, припадник на хрватската интелектуална елита. Тој бил долгогодишен претседател на Југословенската академија на науки и уметности – ЈАЗУ.

На почетокот биле две бараки кои служеле за спиење, а третата била кујна и трпезарија. Во нивниот склоп се наоѓал и помал базен*, кој служел за летно разладување. Летувалиштево било под ингеренција и грижа на „Домот за народно здравје” од Битола, а го опслужувале лекари од „Школската амбуланта“. 

Како поминувале годините се зголемувал интересот и одморалиштето достигнало до четири згради и располагало со 200 кревети. Со струја се снабдувале од сопствен агрегат. Средства за нивна изградба дала тогашната Вардарска бановина. Павиљоните биле поделени на машки и женски, имале целодневна организација, храна и сместување.

Се престојуваше најчесто во летниот и зимскиот период, за време на школските распусти. Во период од седум до десет дена децата времето го поминувале во посета на сите попознати места на Баба планина, за време на летниот период како и посета на школата за скијање во зимскиот период. Во раскажувањата опишани во старите весници од далечните 20 и 30 години пишува дека слабокрвните деца кои таму ќе ги однеселе бледи и биле претежно од сиромашното население, по неколкуте дена третман и престој на Пелистер добивале свежина и црвенило на лицата како и голема енергија.

Во последните години од неговото работење достигнувало до бројка од 400-600 легла. Моментално е под закрила на Министерството за труд и социјална политика и од 2015 г. не е посетено од организирани групи на деца и младинци. 

Интересно е да се спомене дека планинарските домови се изградени многу подоцна односно дури во 1938 година едниот кај Бегова Чешма, а другиот на Копанки. И двата тогаш располагале со по 10 кревети.
*краток извадок од “Јавното здравство и превентивната заштита во Битола” од проф.А.Стерјовски

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here