Чевларскиот мајстор Анастас Пема, заедно со своите двајца синови Димитар и Михаил, во почетокот на претходниот век имал голем кондураџиски дуќан во центарот на Битола. Биле добри мајстори и како такви биле почитувани во чаршијата. Од нивната голема желба и само по еден разговор во пријатна домашна атмосфера семејството Пема одлучува да ги набави сите неопходни работи за едно кино по што ја добива под наем зградата на бившата српска гимназија.Оваа зграда се наоѓала во дворот на стариот театар.
Браќата Димитар и Михаил ја потсредиле и ја оспособиле за кино. За ден Велигден, недела, 20 април 1920 година во киното именувано „Белград“ се одржала првата кинопроекција. Дневно имало по две проекции – во 18,30 и 20,30 часот. Филмовите беа неми,но имало обезбедена музичка придружба. Најчесто свирел оркестарот на браќата Сламари и одвреме-навреме бил ангажиран и воениот оркестар.Деведесет отсто филмовите беа придружени со жива музика.Филмовите беа сензационални од различни жанрови. Публиката тогаш најмногу ги сакала авантуристичките филмови, комедиите, вестерните, криминалистичките…
Битолчанки најповеќе се восхитувале од мелодрамите. Ги имитираа филмските ѕвезди и во облекувањето и во фризурите. Најновите светски остварувања можеа да се гледаат во Битола како „Париз во пролет“, „Тајниот курир“, „Инферно“ „Песна на гаучите“, „Миленик на боговите“, „Кнегиња на чардашот“ со тогашната ѕвезда Марта Егерт, „Аве Марија“, „Бура над Африка“, „Дмитриј Карамазов“ се само дел од филмовите што се прикажувале во кинато на Пема.
Годишно Пема обезбедувал околу 100 премиерни филмови, меѓу кои и филмови што особено ги сакала битолската публика. Оние за Тарзан, оние со Чарли Чаплин, со Бастер Китон, Глорија Свансон… Не пропуштал ниту еден филм со Ширли Темпл. Таа била врвната љубимка…
Со формирањето на Народниот театар настануваат проблеми со киното. Окружниот народноослободителен одбор во Битола донесува решение со кое салата во Градскиот театар може да се користи само за театарски претстави. И така, во 1945 година престанало да работи киното на Михаил Пема по што Пема му се враќа на чевларскиот занает…
Сегашната куќа на ул.Страшо Пинџур е нем сведок на една голема битолска фамилија,на нивниот раскошен живот и нивниот придонес за големиот вознес на нашата Битола,нешто кое најповеќе треба да го почитуваме,пренесуваме и негуваме.Од нас останува барем малку да придонесеме да таа повторно си го врати својот “некогашен” сјај како една голема убава,типична Македонска фолклорна куќа каде некогаш живееле големите градски битолски еснафи и кинаџии…фамилијата Пема од Битола….бабам Битола…
Текстот е формиран и модулиран од интервју на Илинка Петрушева