Во рамките на Битолското културно лето „БИТФЕСТ 2026“, на 25 август ќе се одржи 16. издание на забавно-музичката манифестација „Незаборав“, годинава посветена на познатиот битолски автор Милко Лозановски.

Концертот ќе започне во 20:00 часот во Центарот за култура – Битола, а влезот за посетителите е слободен.
Познати битолски музичари и изведувачи во живо ќе потсетат на дел од композициите со кои Лозановски остави значајна трага во македонската музика. На програмата се „Битола ме вика“, „Свири стара тамбуро“, „Еј, соколе“, „Рибари стари другари“ и други негови познати композиции.
Сценариото и водителската улога се на Силвана Петрова Насух, а автор на проектот е Панде Димитровски.
Во изминатите 15 изданија „Незаборав“ беше посветен на бројни значајни автори и изведувачи, меѓу кои Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бафировски, Добри Ставревски, Гоце Николовски, Тоде Новачевски и други, како и на музички проекти поврзани со Битола.
Со годинашното издание, манифестацијата продолжува да го чува од заборав музичкото творештво кое е дел од културното наследство на Битола и Македонија.
📅 25 август 2026 | 20:00 часот
📍 Центар за култура – Битола
🎟️ Влез слободен
