На 30 октомври бугарскиот фашистички воен прек суд во Битола, донел пресуда со која “Политичките престапници, со против државна дејност на Царството Бугарија, кои станале со оружје в рака, организирани во комунистичка партија…се осудуваат на смрт со бесење, за пример на останатите. Пресудата нема право на жалба и таа да се изврши во рок од 12 часа“. Со ова пресуда, бил осуден првоборецот Јонче Мурџевски, заедно со уште тројца другари.Пресудата била извршена во затворот кај Црн Мост, ноќта измеѓу 30 и 31 октомври. Јонче Мурџевски е роден во с. Ѓавато, битолско на 16.април 1920 година во многубројно сиромашно семејство.Заради големата сиромаштија, уште како мал со магаре носел дрва во Битола да ги продаде за да заработи некоја пара за семејството. Работел се‘ и сешто, а извесно време како чистач во селското училиште, каде што учител бил Тодор Ангелевски (Тошо Даскало) кој силно влијаел врз неговото натамошно револуционерно определување. Во текот на окупацијата бил надничар по патиштата во околината на Битола и ги организирал другите надничари да се бунтуваат и бараат повисока плата. Уште 1938 год. се определил антирежимски, другарувал со Трајан Белев-Гоце, со учителите Борис Стрезовски, Илија Јанкуловски, кои веќе биле членови на комунистичката партија.Се вклучил во селската задруга, собиралиштето на напредните жители од селото.По формирањето на селската партиска ќелија во 1939/40 година, во почетокот на 1941 год.се формирала и ќелија на СКОЈ. Заради неговата активна улога во зголемување на членството на СКОЈ бил избран за секретар. Веднаш по априлската војна учествувал во собирање и складирање на оружјето и воената опрема оставена од југословенската кралска војска.Со бугарската окупација започнало неговото активно делување како револуционер.

Учествувал на Илинденските демонстрации во Битола, на 2 август 1941 година со кои било спречено бугарското празнување на Илинден.Заради тоа, бил затворен во полицискиот подучасток во Кажани и подложен на тортура.Како секретар на СКОЈ, а подоцна и член на КП воспоставил силни врски со партиските ќелии од соседните села и с.Сопотско од Преспа. Учествувал на состаноци во с.Ѓавато со Мирче Ацев, Вангел Мајоро и др. на кои биле дадени патокази за идната борба. Иако сиромашна, неговата куќа била отворена за илегални состаноци и сместување на Стив Наумов, Свештаро, Блаже Рогузинаро, Орде Чопела и др. По заминувањето на Трајан Белев во илегала, се истакнал како најактивен во т.н. Прв Кажанско-Ѓаватскиот реон.При акцијата на одредот “Дамјан Груев“ во с.Смилево, заедно со другарите ги исекол телефонските жици кај с. Дервен.Во организирањето на нападот врз бугарскиот фашистички подучасток во с.Кажани од страна на ПО “Даме Груев“ добил задача заедно со други соселани да ги прифати евентуално ранети борци и заробени полицајци и нив да ги чува се до повлекувањето на одредот.По ова акција и големата провала, односно предавство на Серафим Богдановски- Цано од с. Лера, кој бил реонски секретар на КП на с.Лера, но тајно станал соработник на фашистичката бугарска полиција, биле затворени над 120 лица од Кажанско- Ѓаватскиот и од Преспанскиот регион , меѓу кои и Јонче Мурџевски. Заради неговата антифашистичка и револуционерна активност, за која полицијата дознала од предавникот, тој скоро два месеци бил постојано толку многу ѕверски измачуван и тепан, што и неговите дугари не можеле да го препознаат.Неговите страдања завршиле со егзекуцијата ноќта измеѓу 30 и 31 октомври 1942 год.

Сојуз на борци