По повод Светскиот ден за борба против пушењето на 31 мај, невладината организација ЕКТЕР од Битола организираше краток настан за одбележување на денот, при што ги истакна здравствените ризици поврзани со употребата на тутунот.

Настанот, одржан на Широк сокак, е дел од проектот „Од полињата со тутун до училишта без тутун: Да Посадиме Здравје„ кој се реализираше во изминатите месеци со поддршка на Австралиската Амбасада во Белград. Со поддршка од заменик амбасадорот, Неговата екселенција Фил Андерсон, и конзулот Зоран Костовски, кој присуствуваше на нашите работилници, успеавме да организираме едукативни работилници во 13 основни и средни училишта низ Пелагонија.

Овај регион е срцето на производството на тутун, од што обезбедуваат егзистенција многу семејства во Пелагонија. Целта на проектот беше да ги едуцира најмладите за штетите од пушењето. Наставничката Весела Весе Богдановиќ и младиот лекар д-р Виктор Стојовски, како и професорката Наташа Трајкова Најдовска преку игра и забава, ги запознаваа учениците со составот на цигарите, здравствените ефекти и начините како да кажат НЕ на пушењето.

Проектот е продолжение на минатогодишната кампања во училиштата која се одвиваше во рамките на проектот „Речи му НЕ на пушењето„.

За жал, пушењето сè уште е општествено прифатена навика кај нас, понекогаш дури и добива модерен имиџ. Оваа замка е особено примамлива за младите, кои се желни да бидат „in“ со новите модерни цигари на пазарот. За жал, истражувањата покажуваат дека тинејџерите побрзо стануваат зависни од цигари (во рок од неколку дена од првата цигара) отколку возрасните. Исто така, тинејџерите за покусо време искусуваат симптоми на криза кога се обидуваат да се откажат од пушењето (обично неколку часа по последната цигара).

Но, од каде младите го гледаат примерот? Најчесто, децата создаваат навики — добри или лоши — според примерот од своите родители. Во нашата земја, скоро секое второ дете е изложено на цигари во домот. Често, пушењето на родителите децата го преведуваат и прифаќаат како дозвола да го прават истото.

Затоа, ние заедно, едукатори, училишта, родители, локална па и централна власт, имаме одговорност да ги едуцираме младите за штетните ефекти од пушењето. Според статистиката на Светската здравствена организација, секој ден меѓу 80.000 и 100.000 деца пушат за првпат. Приближно 50 проценти од нив ќе станат пушачи од тој момент, што значи до 18,25 милиони нови пушачи секоја година. Многу од овие деца не ги знаат сите факти за пушењето кога донесуваат одлука да започнат да пушат. Затоа ни е потребна ЕДУКАЦИЈА!