На денешен ден роден е народниот херој Васко Карангелевски – 7 јули 1921 – 7 јули 2025 – Се сеќаваме на еден од најголемите синови на Битола и Македонија
Денес одбележуваме 104 години од раѓањето на Васко Карангелевски, народен херој и истакнат војсководец, роден на 7 јули 1921 година во битолското село Брусник, во скромно земјоделско семејство.
Како млад човек, работел како земјоделец и пастир, но неговата животна насока радикално се менува со почетокот на Втората светска војна. Во 1941 година станува член на СКОЈ и активно се вклучува во антифашистичкото движење, каде учествува во набавка на оружје и логистика за партизанските единици.
Со исклучителна храброст и посветеност, Карангелевски се приклучува на партизанските одреди во Битолскиот регион и за кратко време напредува – од командир на вод, до командир на чета во одредот „Гоце Делчев“. Во 1943 година станува командант на батаљонот „Стив Наумов“, а веќе во 1944 година неговата единица станува дел од Третата македонска ударна бригада, со која остварува значајни победи кај Ристовац, Плачковица и Огражден.
По ослободувањето на Македонија, продолжува со воена кариера и напредува до функцијата командант на 49. македонска дивизија. Го завршува Високото воено училиште „Ворошилов“ во СССР и служи на највисоки позиции во Југословенската народна армија – како командант на армија и началник на штаб на армиска област. Бил член на Централниот комитет на КПЈ и носител на највисокото државно признание – Народен херој на Југославија.
Животот му завршил трагично додека бил на должност како командант на Скопската воена област, со чин генерал-полковник.
Денес со почит и благодарност се сеќаваме на ликот и делото на Васко Карангелевски – борецот, херојот, и синот на Битола кој остана запишан во историјата на македонската борба за слобода.





