НА ДЕНЕШЕН ДЕН ПРЕД 124 ГОДИНИ: ЗАПОЧНАЛО СО РАБОТА БИТОЛСКОТО ИСЛАХАНЕ

од • October 6, 2026 • 0 коментари

На 6 октомври 1902 година, во тогашна Битола, започнало со работа Ислахането – една од препознатливите градби од османлискиот период чиј објект и денес сведочи за богатото минато на градот.

Според податоците на Министерството за култура, свеченото отворање било во присуство на бројни гости, муслимански и православни великодостојници, како и тогашниот битолски валија Едип-паша.

Монументалниот објект бил граден во периодот 1894–1899 година, а архитектонски носи елементи на неокласицизмот и неоренесансата, со влијание на европската, односно тогашната париска архитектонска школа.

Ислахането било многу повеќе од обично училиште. Во него се згрижувале и образувале сираци и деца од сиромашни семејства, а младите изучувале и практични занаети. Меѓу занимањата за кои се обучувале учениците биле кројачкиот, столарскиот и грнчарскиот занает, како и други професии потребни во тоа време.

Називот „Ислахане“ исто така носи интересна симболика – „ислах“ се поврзува со добро/добрина, а „хане“ со место или простор, па името се толкува како „добро место“.

Училиштето функционирало до 1912 година. Подоцна објектот добивал други намени, а по Втората светска војна подолг период бил користен од фабриката „Прогрес“, поради што многу битолчани и денес го препознаваат како „стар Прогрес“.

Повеќе од еден век подоцна, Ислахането останува материјален сведок на времето кога Битола била значаен административен, образовен и културен центар.

Една стара градба, а во нејзините ѕидови повеќе од еден век битолска историја.

Babam Bitola

Comments are closed.