НА ДЕНЕШЕН ДЕН ПРЕД 105 ГОДИНИ Е ОСНОВАНА БИТОЛСКАТА БОГОСЛОВИЈА

од • October 5, 2026 • 0 коментари

На денешен ден, 5 октомври 1921 година, била основана Битолската православна богословија „Св. Јован Богослов“ – образовна институција која оставила значајна трага во историјата на Битола.

Одлуката за нејзино формирање била донесена од Министерскиот совет на тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Иако била основана во октомври 1921 година, поради проблеми со обезбедувањето кадар, инвентар и услови за настава, редовната работа започнала во 1922 година.

Богословијата располагала со повеќе објекти, интернат и библиотека, а дел од нејзиниот комплекс се наоѓал во просторот кај денешната градска библиотека. Со зголемувањето на бројот на ученици се проширувал и самиот комплекс.

Посебно значење на Битолската богословија ѝ даваат луѓето кои поминале низ нејзините училници. Меѓу професорите биле познати православни богослови и духовници, меѓу кои Св. Јован Шангајски, Јустин Поповиќ и Кипријан Керн.

Во Богословијата образование стекнале и тројца подоцнежни поглавари на Македонската православна црква – архиепископите Доситеј, Ангелариј и Михаил, а меѓу нејзините ученици бил и македонскиот писател Стале Попов.

Во дворот подоцна била изградена и црквата „Св. Јован Богослов“, свечено осветена во 1938 година. Таа опстојувала до 1976 година, кога била урната при реализацијата на новиот урбанистички план во Битола.

Битолската богословија престанала да работи во 1941 година, но нејзиното место во образовната, духовната и културната историја на градот останало запишано.

Денес, точно 105 години подоцна, се потсетуваме на уште една институција што е дел од богатата историја на Битола.

Babam Bitola

Comments are closed.