ДИМИТАР НИКОЛОВСКИ – ТАКИ ДАСКАЛО

На денешен ден 03.05.1942 во борба со бугарските фашисти над селото Ореово, Битолско, загинува македонскиот народен херој Димитар Николовски.

Роден е на 17 Ноември 1921 во Битола, како прво дете во семејство на Тодор и Калиопа Николовски.

Кога Димитар имал 4 години починал татко му, по што неговата мајка работела како шивачка за да обезбеди основна егзистенција. Подоцна таа се премажила и се родил неговиот полубрат Јован.

Основно образование завршил во Битола. Во учебната 1936/37 година своето образование го продолжил во Скопската учителска школа.

Уште како момче имал бунтовен дух и се спротиставувал на школскиот интернатски режим. Кога бил во III клас, дошол во судир со претпоставените во интернатот, кој судир прераснал во мал бунт, при што го поддржале соучениците кои застанале во негова одбрана. Тие се заклучиле во својата училница и не дозволиле да влезе ниту еден професор, за да им одржи наставата.

Потоа целиот негов клас излегол за да го испратат до железничката станица, затоа што бил избркан од училиштето.

Своето образование го продолжил на учителската школа во Цетиње, Црна Гора, подоцна и во Алексинац, Србија, а матурскиот испит го положил во гимназијата во Битола на 31 Август 1941.

Откако матурирал, од страна на бугарскиот окупатор му било понудено да биде учител, но понудата ја одбил бидејќи не сакал да им служи на бугарските фашисти. Иако не работел како учител, го добил прекарот Даскалот.

Во тој период Даскалот бил многу близок со Елпида Караманди, и преку неа навлегол во револуционерното и ослободително движење на градот. Според спомените на Андон Поп Андоновски, партиската ќелија во која членувал и Даскалот веднаш почнала со прибирање материјал, храна и оружје, сè со цел да се подготви првиот партизански одред во Битолско.

ИЛИНДЕНСКИТЕ ДЕМОНСТРАЦИИ 1941

Една од главните акции на битолската група, била да го разобличи бугарскиот окупатор, кој имал план на 2 август 1941 да направи празнување на Илинденското востание во Битола, со цел да го прикаже како бугарско востание. Стефан Наумов – Стив бил еден од главните организатори на акцијата, во јули во месноста Бруснички ливади, каде заедно со група младинци одржал состанок, на кој Стив држел говор за значењето на Илинден за македонскиот народ и какви последици би имало доколку се дозволи бугарската пропаганда да го прикаже Илинденското востание како бугарско пред народот. На состанокот било решено да се исфрлат две пароли: “Да живее слободна Македонија!” и “Да живеат СССР и Црвената Армија!”.

Таки Даскалот И Васко Кондураџијата биле задолжени за носење на еден од транспарентите. Тие се вмешале во толпата при што на цело време извикувале “Да живее слободна Македонија!

Во следниот период било одлучено да се изведат диверзантски акции и да се нанесе психолошки удар на бугарскиот окупатор. Идејата била да се срушат неколку објекти и мостови (мостот на реката Шемница, магацините на ридот „Ѕвезда“, возовите на германскиот окупатор). Едната диверзантска група била под раководство на Даскалот, а во неа биле и Јани Јовановски и Митко Велјановски-Дињаро. Оваа група добила задача во септември да го разруши мостот на реката Шемница. Тие се појавиле на закажаното место, но не успеале да ја извршат акцијата затоа што не им бил обезбеден експлозивот за таа намена.

Во Септември 1941, Таки Даскалот бил запрен од бугарската полиција и при претрес кај него нашле револвер. Вечерта бил пуштен, му бил одземен револверот, но било побарано да се пријави во полициската станица за разговор. Таки бил свесен дека е можен претрес на неговиот дом, и со помош на својата мајка ги изнел сите компромитирачки материајли, оружје и циклостилна машина надвор од неговата куќа. Во полициската станица не признал ништо, но му било наредено пак да се јави во полицијата.

Откако насетил дека може да го уапсат, Таки Даскалот заминува во илегала. Кон крајот на 1941 г. станува еден од првите илегалци во Битолско. Поради опасноста од дејствувањето во илегала во Битола, Даскалот е префрлен во селото Лавци. Во тоа време Лавци важело за едно од најорганизираните антифашистички села.

Наскоро и Стефан Наумов – Стив дошол во Лавци, и со Даскалот договарале формирање на првиот партизански одред во Битолско, а за датум бил определен 19 Октомври 1941. Но до поради раздвиженоста на бугарските и германските фашисти, не успеале да им се приклучат борците од градот Битола и одредот не бил формиран.

Пролетта на 22 Април 1942, конечно бил формиран битолскиот партизански одред Пелистер, над селото Лавци. Таки Даскалот активно учествува во формирањето одредот, a по неговото формирање е назначен за политички комесар.

Иако формирањето на одредот се чувало во тајност, бугарскиот окупатор дознал за нивното движење.

На 1 Мај 1942 командантот на одредот Ѓорѓи Наумов (братот на Стив Наумов), заедно со борците Никола Георгиевски – Никлецо и Стево Трајковски – Тефико, налетале на бугарска заседа во Брусник и биле уапсени.

На 3 мај 1942, бугарскиот генерал Иван Маринов кој раководел со акцијата за уништување на одредот, испратил 2000 бугарски фашисти за да го најдат и уништат одредот, поделени во четири групи од по 500 војници.

Бидејќи фашистите не ја знаеле точната локација на партизаните, првата група поминала низ селото Брусник, втората низ селото Лавци, третата јужно од Смолево, а четвртта поминала низ селата Буково и Ореово и навлегла во планината.

Македонските партизани биле опколени над селото Ореово од фашистичкиот непријател. Лазо Хаџи Поповски ги забележал непријателските позиции, по што ги известил борците, кои решиле да не се предадат и со борба да се обидат да го пробијат обрачот.

Започнала нерамна борба меѓу петнаесетина слабо вооружени македонски борци и многубројни добро вооружени бугарски фашисти. Оваа борба траела сè до попладневните часови.

Бидејќи имало магла и паѓал дожд, борците во две групи решиле да го пробијат обрачот, при што целата група во која бил и Таки Даскалот во нерамна борба со фашистите загинува.

Во битката, покрај Таки Даскалот загинале и Јоска Јорданоски-Сандански, Ордан Михајлоски, Елпида Караманди, Мара Јосифовска и Димче Хаџи Поповски.

Во мемоарите на Киро Крстески-Платник се среќава податок дека Таки Даскалот бил тешко ранет, а потоа ѕверски дотепан со кундаци од бугарските фашистички ѕверови.

Димитар Николовски – Таки, на 21 година, во борба против бугарските фашисти ја положува својата младост за слободата на Македонија.

Гробот на Димитар Николовски и другите загинати партизани не бил пронајден. По ослободувањето, откако е извршено судењето на непријателските злосторници, по сведочењето на злогласниот бугарски началник Асен Николов, нивните тела биле пронајдени над Довлеџик, каде биле фрлени во заедничка дупка. Во 1948 година народнта власт ги открила нивните посмртни останки и тие биле пренесени на Буковските гробишта во Битола, каде им бил приреден достоен закоп, во присуство на роднините, соборците и граѓаните на Битола.

Македонскиот херој Димитар Николовски – Таки Даскало е опеан во познатата народна песна „Таму ле мајко, близу Битола“, напишана од Ајри Демировски (1950).

ВЕЧНА МУ СЛАВА НА ГОЛЕМИОТ МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕР!

Битола стари фотографии