Нашиот битолчанец Илче Милошевски неодамна се впушти во редок и навистина храбар подвиг – велосипедска тура од Битола до Софија, со враќање преку Крива Паланка, Кратово и Плетвар назад кон родниот град.

Тргнувајќи навреме за да пристигне во Софија во петок во 18:30 часот, тој избра да ја мине трасата по регионален пат низ општина Брезник, кружно северно од Перник, за да влезе во бугарската престолнина од запад преку Божуриште.

По пристигнувањето и краток одмор, ја искористи посетата за да оддаде почит на македонскиот филолог и публицист Крсте Петков Мисирков и на револуционерот Ѓорче Петров на Централните софиски гробишта. Додека гробот на Мисирков го пронајде без проблем, за жал, и покрај сите обиди, не успеа да го лоцира гробот на Ѓорче Петров.

Во три часот по полноќ, низ празните софиски булевари, тргна назад кон Македонија. На патот ги посети земјените пирамиди во селото Куклица кај Кратово, а последниот дел од патувањето – релацијата Кратово–Битола – се покажа како најтежок поради големиот замор и напорната угорница на Плетвар.

Интересен момент му се случил кај Росоман, кога автомобил со велешки таблици сопре пред него. Патниците од Германија му се обратија на германски, мислејќи дека е странец, но по краткиот разговор сфатија дека пред нив стои македонски велосипедист – „Извини другар, мислев дека си шваба“, рекол возачот низ смеа.

Велосипедистот истакнува и една важна забелешка: сообраќајниот метеж во Битола станува алармантен. Со население од околу 65.000 жители и повеќе од 33.000 автомобили, тесните улици изградени во времето на Отоманската империја се претесни за ваквиот обем на сообраќај. „Идеален начин на транспорт во градот со радиус помал од 5 километри е велосипедот или пешачењето,“ порачува тој, додавајќи дека иако не секој може да изведе вакви долги тури, секој може да користи велосипед барем до работа или за секојдневни потреби.

Неговиот подвиг е потсетник дека покрај авантурата, велосипедот може да биде и практично, еколошко и здраво решение за живот во урбаните средини.





