Нашите битолчани Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски светски вицешампиони: Голем успех за Македонија на Светското првенство У23!

од May 27, 2026 0 коментари

Македонското куглање испиша нова успешна страница на меѓународната сцена, откако Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски го освоија сребрениот медал и се закитија со титулата светски вицешампиони во дисциплината тандем микс на Светското првенство за куглари до 23 години кое се одржува во Швац, Австрија.

Младиот македонски тандем со одлични настапи и голема борбеност успеа да стигне до светскиот врв, носејќи ѝ на Македонија значаен успех по повеќе од една и пол деценија.

Гордоста и емоциите поради големиот резултат не ги криеше ниту селекторот и тренер, наш битолчанец, а воедно и член на управата на Кугларската федерација на Македонија, Игор Михајловски, кој преку социјалните мрежи ја сподели својата радост.

„Како селектор, тренер и дел од управата на Кугларската федерација на Македонија немам зборови да ја опишам среќата и задоволството за постигнатиот успех на Македонија после деценија и пол“, напиша Михајловски.

Светското првенство У23 сè уште трае, а македонската експедиција продолжува со настапите, носејќи надеж за нови успеси и добри резултати на светската сцена.

Браво за Стефанија и Дарко, Македонија се гордее со вас!

Babam Bitola

Comments are closed.