НАУМ КАРАБАТАК – БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ОСВОИ „ОСКАР“ ЗА ФОТОГРАФИЈА

од June 9, 2026 0 коментари

На 9 јуни 1929 година, во селото Маловиште кај Битола е роден Наум Карабатак (Uni al Carabatacǔ) – битолчанецот кој остана запаметен како единствениот добитник на престижната американска награда „Оскар“ за фотографија.

Роден во влашко семејство, уште од најрана возраст го изучувал фотографскиот занает кај своите браќа Трифун и Филип Карабатак, сопственици на познатите битолски фото-ателија „Фото Техника“ и „Фото Филип“. Своето знаење дополнително го усовршувал кај легендарниот Милтон Манаки – пионерот на балканската кинематографија и фотограф на романскиот кралски двор.

Немирен и авантуристички дух, Карабатак во 1956 година илегално ја преминал границата и заминал во Грција. Таму бил затворен во кампот Лаврион, каде поминал речиси една година. По добивањето можност за емиграција, во 1957 година заминал во Белгија, а во 1961 година се преселил во Соединетите Американски Држави.

Почетоците во Америка не биле лесни. Работел различни работи, а подоцна во фотографски лаборатории и студија. Благодарение на своето искуство и талент, брзо стекнал углед како врвен ретушер и фотограф. Во Синсинати, Охајо, каде работел речиси две децении, бил прогласен за најдобар фотограф на годината и ја добил највисоката награда на државата Охајо.

Круна на неговата кариера било признанието што го добил во 1966 година – престижниот „Оскар“ за фотографија во категоријата колекција на портрети. Со тоа Наум Карабатак влегол во историјата како еден од најуспешните фотографи со потекло од Македонија и Балканот.

Куќата каде што живеел, ул.Бранислав Нушиќ бр 10

Во 1980 година се враќа во Битола, а две години подоцна го отвора своето студио „Фото Уни“. Низ неговиот објектив поминале генерации битолски матуранти, семејства и граѓани, а неговите фотографии остануваат драгоцено сведоштво за едно време.

И по пензионирањето во 1991 година останува активен, особено во културниот и општествениот живот на Власите во Македонија. Речиси и да немало влашка манифестација на која не бил присутен со својот фотоапарат, бележејќи моменти кои денес претставуваат значајна историска архива.

Бил еден од основачите и активните членови на влашките организации во Битола и Македонија, како и долгогодишен активист во влашката црква „Св. Константин и Елена“.

Во јули 2014 година, во рамките на манифестацијата „Битолско културно лето“, во Домот на културата во Битола беше организирана изложбата „Фотопортрети“ посветена на неговото творештво.

Наум Карабатак почина на 4 февруари 2019 година во Битола. Погребан е на Влашките гробишта, а неговата богата архива од фотографии и лични предмети останува зачувана во неговиот дом. Неговите синови денес живеат во Соединетите Американски Држави.

Со својот животен пат – од Маловиште до Америка и назад во Битола – Наум Карабатак остави неизбришлива трага во фотографската уметност и културната историја на градот.

Извор

Babam Bitola

Comments are closed.