Во месец јуни 2024 година, на северната фасада од зградата на Технички факултет – Битола, каде е поставено логото на факултетот, осамна мурал. Муралот е изработен од страна на креативните уметници Hybrid Minds Crew. Веднаш под муралот е испишан инспиративен текст за студентите, од познатиот британски филозоф Бертранд Расел. Идејата за овој зафат е развиена на Техничкиот факултет – Битола и на прв поглед изгледа како цртеж за деца. Меѓутоа, самиот мурал и текстот, во себе кријат голем број експлицитни и имплицитни пораки во духот на одржливиот енергетски развој, зелената транзиција, грижата за идните генерации, зголемувањето на свеста за животната средина, поттикнување на интересот кај идните генерации за инженерството како професија, оригинална идентификација и препознатливост на факултетот, како и многу други скриени пораки. Но, да започнеме по ред.

Централно на самиот цртеж е прикажано дете како сади ветерници на поле од јаглен и прашина. Овој дел од цртежот има низа пораки. Прво, со тоа што детето поставува ветерници алудира на нашиот неуспех како генерации и држава да придонесеме кон одржливиот развој. Имено, ние успеавме како генерации да ги задоволиме сопствените потреби за енергија, но во голема мера ги загрозуваме потребите на генерациите кои доаѓаат, претставени преку детето на цртежот. Истовремено, во голема мера придонесуваме за загадувањето на животната средина, со што им ја загрозуваме здравата иднина на оние кои доаѓаат после нас, повторно претставени преку детето. Значи, овде се крие важна порака, крикот на децата и неродените генерации за нивната загрозена енергетска иднина и загадената животна средина, а Битола е, за жал, најдобар пример за тоа. Детето со тоа не’ учи како треба и ни покажува дека генерациите кои доаѓаат се подобри, што е основен предуслов за развој.

Второ, детето, со поставувањето на ветерниците ја симболизира креативноста и љубопитноста на младите. Тоа има за цел да го поттикне интересот на младите генерации за STEM областите (НАУКА; ТЕХНИЛОГИЈА; ИНЖЕНЕРСТВО И МАТЕМАТИКА), грижата на младите за животната средина и подигнување на свеста за обновливите извори на енергија.

Целокупно, сликата го доловува и поттикнува процесот на истражување и откривање, ја стимулира креативноста и љубопитноста од најмала возраст што води до подобрување на образованието и примената на стекнатото знаење во реалниот живот преку наука и практична работа. Се’ ова е во духот на модерното образование, кое не треба да го стимулира репродуктивното знаење, ами знаењето како способност за решавање на проблеми.
Се’ на се’ сликата го претставува процесот на зелена транзиција и декарбонизација, кои како сложен процес и терет ќе паднат на плеќите на идните генерации. Доминацијата на зеленилото и природата треба да биде резултат на овие два процеса, односно чиста животна средина. Исто така на сликата се прикажани возила кои се движат по патиштата, што ги симболизираат електричните возила и возилата на водород кои треба да ја одбележат иднината на транспортните системи.

Ветерниците и фотоволтаичните панели на сликата ги симболизираат обновливите извори на енергија како најголем предизвик пред модерните електроенергетски системи, енергетските системи воопшто, сообраќајот и транспортот. Имено, интеграцијата на обновливите извори во електроенергетските системи и планирањето, управувањето и одржувањето на стабилноста на системите ќе биде една од главните задачи на младите креативни инженери кои ќе се едуцираат на нашите факултети. Варијабилноста, стохастиката и ниското ниво на инерција на обновливите извори ја прават приказната исклучително сложена и предизвикувачка.
Пораката која е напишана под текстот е цитат од познатиот британски филозоф Бертранд Расел, а е извадок од еден негов говор пред студентите на еден престижен британски универзитет. Пораката во првиот дел ја велича главната одлика на науката, а тоа е сомнежот и немирниот дух. Пораката го велича прашањето, а не одговорите, вечната потрага по вистината и спротиставувањето на секој вид на загушување на слободната мисла и дух. Знаењето е главниот двигател на напредокот. Главната идеја на напишаната порака е да ги инспирира студентите кои се дел од факулетот, младите генерации воопшто. Затоа што студент не е само некој кој учи или некој кој се запишал на факултет. Студент е личност која се создава и личност која создава! Личност која носи напредок, идеи, промени, ентузијазам, жар. Човек кој почитува, но е и дрзок кога е во прашање одбраната на новото, подобро утре, кога тој ќе биде оној врз чии плеќи ќе падне товарот на овој свет.

На крај, овој мурал и неговите пораки претставуваат оригинална идентификација и препознатливост на факултетот, будење на интересот за инженерството кај младите генерации затоа што како што рекол Исак Асимов, науката може да не’ забавува и фасцинира сите нас, но инженерството е она кое го менува светот, на што сме и самите сведоци, како преку историјата, така и преку сегашноста и иднината.

Проф. д-р Методија Атанасовски,
Технички факулет Битола