Џез фактори фестивалот во Битола, се одржа промоција на книгите на новинарот и публицист
Љупчо Јолевски, “Радио“ и “Неправилен ритам- Приказни од современата македонска музичка сцена“, во Центарот за култура. Авторот заедно со повеќе уметници направија мултимедијална промоција.
За музичкиот дел се погрижија Јордан Костов и Глигор Кондовски, а водител беше актерот Игор Трпчески.
Дел од промоцијата беа и видео пораките на Крсте Роџевски, Бранко Николов (Фолтин), Сашо Поповски.
На промоцијата говореше и рецензентот, Дејан Трајкоски.
„Во нашиот медиумски контекст, Јолевски е УЧИТЕЛОТ. Се разбира, воопшто не е претерано да се каже така. Всушност, неправедно е да не се каже така. Затоа што на прстите од една рака се бројат луѓето со повеќедецениски стаж коишто со елан на младич пишуваат за состојбите во културата, а со таква силна наобразба. Доказ за тоа е тоа што, барем во музиката, нема новинар којшто подобро ја знае не само џез музиката, туку и музиката на светот, домашната андерграунд музика, и кој во исто време бил активен сведок на цела една повеќе од четири децениска музичка, но и културна историја“, истакна Трајкоски.
Присутните воодушевени, а авторот Јолевски истакна:
„Многу ми е драго кога ќе слушнам дека некој си поминал добро на некоја промоција. Кога ги подготвував моите две книги сакав да направам нешто што ќе ги надмине рамките кои се веќе востановени, работејќи и во електронски медум, но и во печатен, решив да направам магазински тип на книга, каде подеднакво важна ќе биде и фотографијата, но и пишаниот збор. Да се сретнат двете работи, да се вкрстат и да се направи нешто ќе го испровоцира читателот и визуелно, меѓутоа она што ќе го прочита, барем малку да му отвори некоја нова страница, некој нов видик, некои нови авантури да му донесе. Треба да се излезе од постоечките рамки и на промовирање на едно дело, музика, настан“.
Рече дека е посебно среќен затоа што се сретна со двајца многу добри колеги, пријатели, битолчани.
„Така е. Се сретнав со Панде Димитровски со кого своевремено бевме во весникот „Млад Борец“, еден од весниците кој го донесе македонското новинарство, македонската медиумска демократија. Тука е и Петар Ставрев со кого патував низ Европа, зборувајќи за колекциите на винил плочи и мојата желба е еден ден да ја стигнам таа негова колекција“.
„Радио“ е објавена пред пет години и е книга која се занимава не со радиото како медиум, туку со нешто друго, со сето она, што, како културна рубрика која Јолевски или како новинар, во културната рубрика на Радио Слободна Европа, успеа да го вообличи во радио прилог, во интервју, рецензија, во осврт, нешто што беше емитувано на програмата, нешто што, беше трка со времето, стигна на време, сето тоа, да излезе во час, час и половина, прво како текст, па како радио прилог, па потоа како, веб-сајт.
„Неправилен ритам“ се занимава со современата музичка сцена, книга во која на 800 страници се поместени бројни интервјуа, со по авторот најзначајните ликови на она што претставува наша музика, македонска музика: Анастасија, Архангел, Влатко Стефаноски, Леб и сол, Симон Трпчески, Дарија Антовска итн.
На самата промоција вниманието го привлече девојчето кое едноставно се качи на сцената и танцуваше додека одеше видео записот на Сашо Поповски.
„Иднината на македонската култура, танцот, македонскиот џез“ коментираа сите.
„Неправилен ритам“ е посветена на трите внуци на Јолевски.
„Книгата е посветена и на сите оние деца, идни генерации кои ќе имаат услови да направат нешто повеќе за нашата Македонија, ваква каква што ја знаеме, што би рекол Симон Трпчески центарот на светот и Македонија лулка на културата“, додаде Јолевски на промоцијата.
Љупчо Јолевски професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“. Безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Најнапред бил соработник, потем и новинар и уредник на културната рубрика во Редакцијата. Паралелно соработувал во Македонската радио телевизија, на почеток во младинските емисии на Втората програма во Радиото, а потоа како автор и водител на музичко-забавната емисија ВИДЕОМЕТРОНОМ и на контактната НЕДЕЛНО ПОПЛАДНЕ. Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за да од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ. Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник, ќе го добие во 1998 година. Во таа декада и половина, тој со своите текстови бил присутен во ревијата Екран, изданијата на Детска радост – посебно НАШ СВЕТ, во НОВА МАКЕДОНИЈА (соработник на Оливер Белопета во подготовката на саботната Музичката страница), магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“… На почетокот на новиот милениум Јолевски од МРТВ заминува во Телевизија Скопје (подоцна Алфа) и неделникот „Старт“. Од таму, патот го води во ДНЕВНИК, каде скоро четири години бил новинар и уредник на Забавната рабрика. Потем исто толку време поминал во новооснованиот дневен весник ВРЕМЕ и во наредните три години бил задолжен за екипата новинари од оваа област во НОВА МАКЕДОНИЈА. Паралелно, цели деценија и половина ја водел сопствената музичка авантура „Скопје, Париз – Тексас“ на РАДИО РАВЕЛ, бил уредник и на македонскиот месечник за култура LIFE MAGAZIN, соработувал во подготовката на единици за македонската музика во Светската музичка енциклопедија и на делот за Македонија и нејзината современа музика во енциклопедиското издание на МУЗИКА, оригинално објавено во Велика Британија и потем преведено во балканските земји од белградска „Просвета“. Речиси од самото основање на Радио Слободна Европа на македонски јазик и се до пензионирањето (октомври 2022 година), Љупчо Јолевски беше новинар и дописник на овој светски медиум. Инаку, Љупчо Јолевски има објавено две книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ и за својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.