Моќни спонзори за уште помоќен Еурофарм Пелистер: „Пелистерка“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“ нови поддржувачи на клубот

од May 15, 2026 0 коментари

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер доби значајно засилување надвор од теренот пред стартот на новата сезона. Клубот денес и официјално потпиша спонзорски договор со три реномирани компании – „Пелистерка“, „ЗК Пелагонија“ и „Здравје Радово“, кои ќе бидат нови партнери во понатамошниот развој на битолскиот ракометен бренд.

Од клубот истакнаа дека со оваа поддршка Еурофарм Пелистер ќе биде уште постабилен, пообединет и посилен во остварувањето на амбициозните цели на домашната и европската сцена.

Претседателот на клубот, Зоран Стерјев, посочи дека во изминатиот период интензивно се работело на зајакнување на ракометната платформа, заедно со Општина Битола, како и на привлекување дополнителни спонзори кои ќе придонесат за долгорочна стабилност.

„Оваа поддршка ќе помогне клубот да остане на нивото на кое е изминатите години, активно да се бориме за највисоките дострели, за шампионската титула и националниот куп, а на меѓународен план да стигнеме што подалеку во европските натпреварувања“, изјави Стерјев.

Тој упати и благодарност до сопственикот на групацијата, Цветан Панделевски и неговиот тим, нагласувајќи дека нивната желба да помогнат и разбирањето кон клубот претставуваат голем поттик за иднината на Еурофарм Пелистер.

Градоначалникот на Битола, , истакна дека успешната приказна меѓу Општина Битола и Еурофарм Пелистер продолжува со нова енергија и дополнителна вредност.

„Вие сте брендот кој го осветли образот на градот, општината и државата во изминатиот период. Ова официјализирање на партнерскиот однос значи стабилност и нов поттик за клубот, но и за градот, кој гордо стои зад оваа спортска приказна“, рече Коњановски.

Договорот во име на групацијата го потпиша сопственикот Цветан Панделевски, кој нагласи дека му претставува чест што ќе може финансиски да помогне во продолжување на успешната приказна на битолскиот клуб.

„Еурофарм Пелистер успешно го претставуваше градот Битола и Македонија надвор од границите. Како општествено одговорни компании, сакаме да помогнеме клубот да го задржи нивото и да има уште подобри резултати, а преку него да се претставуваат и нашите квалитетни производи“, изјави Панделевски.

По официјалното потпишување на договорот, клубот му врачи симболичен подарок на Панделевски, дрес со неговото презиме и бројот 27, број кој го симболизира денот на неговиот роденден.

Со новите партнерства, Еурофарм Пелистер испраќа јасна порака дека амбициите остануваат високи, и во домашниот шампионат и на европската сцена.

Babam Bitola

Comments are closed.