Таа беше подруга од сите. Додека тие заминуваа, таа едвај чекаше да остане сама. Не кажуваше на никој зошто, бидејќи се плашеше да не ѝ го земат. Сакаше да биде сама за да може, барем на кратко, да се милува со последните зраци од зајдисонцето. Зошто таму само тоа ѝ беше единствената сродна душа која нестрпливо ја чекаше на крајот од денот. За да бидат сами заедно, барем на кратко. Сакаше малце во мир да си поседи со него и да ужива во неговата убавина. Да си го грее срцето, да си ја стопли душата….
Искрено не му се мислеше многу. Насмеана и палава ќе оставеше сѐ со трчање, ќе му избегаше на сите како Пепелашка и тоа со една чевличка. Ќе заминеше далеку само да го дофати тоа зајдисонце кое не сакаше никој да ѝ го земе. Во мир да си ги наполни очите со убавина од таа глетка..
За неа зајдисонцето беше моментот кога тој што цел ден ја топли ѝ заминува, но ѝ намигнува и ја бакнува со ветување за видување до утре. Исто како што љубениот ја испраќа на прагот од нејзиниот дом. Скротена во длабокиот вознес кој во исто време ја прави и носталгична и задоволна после зајдисонцето таа продолжува да грее. А ноќта започнува срамежливо и тивко како лулашка да ја ниша……и да ја освојува.
Тоа беше мојата Битола која се плашеше да не ѝ го украдат зајдисонцето.
Извадок од книгата „Мојата Битола“.