Мојата Битола…

Колку многу си ја сакам “мојата Битола”…

Градо каде шо сум роден, каде шо секое место и ќоше на нешто ме потсеќа, спомени убај и безгрижни…

 Каде шо седевме под балконите или зад училиште се криевме со првата цигара. Играњето фудбал со една топка заедничка, на која му се гледа штрамбелата баш тука на паркингот или на игралиштето од училиште каде се такмичевме со другите маали. Блиските ливади каде кршевме од врбите и ги правевме првите стрели, и цел ден горе долу, калбојци и индијанци. Пушки на тапи, со ластици, чепорешки, тенгала на пацки. Исцртана линија за серва. По цеееел ден. Немаше застој. Па џамија, царица, кукуплан, куку, трчај, криј се цела вечер. Дури да викнеше или свирнеше старио со познатата свирка. “Ајде дома доста е!” “Уште 5 минути ако можи, од срам да не бегаш во првите”. 

Растиш го запознаваш Корзото, дискотеките, другари полно, во обичните деној имаше вотка парти, коњак парти, со шантање бегаш дома. Пијачката 20 денари. Кафето исто 20 денари, така почна, Мирол и Џовани беа први на Корзо на тој дел од Широк Сокак, Клеопатра…

Пред то шемата беше во Пазаро, Кони, Аквариус сите поврзани со иста музика памтам 106 ка радио, “Боби и баш ми е гајле” ечеше како химна во 12 навечер, и навистина ни беше гајле. 2 Еф, Кај Нервата или Паладиум. Дремевме надвор покрај улица построени и простум. Шетавме и се дружевме, се смеевме. Никој за пари не прајше муабет сите со 50 денари в џеб задоволни бевме. По едно време ќе поминеше некој со кола. Ќе не растуреше сите, демек немаше од кај да помини а уствари се фали дека кола вози. Кабадајчар. Немаше многу коли тогаш. Убај мислам. 

Ден денес гледам сите се со пари, со коли, убај дотерани. Прошетани, Грција, Германија, Шведска, Америка. Сите се тука во Битола. Ја сакаат и му е убо тука, ама некако се мислат… Шо ќе биди, како ќе биди…

И пак се враќаат назад. Многу се од Австралија дојдени и нема шанси да се вратат назад, под никој услов, а многу и од помладите заминаа баш таму. Можеби да спечалат и ќе се вратат. Така си велиме…И се тешиме. А јас. Ете тука сум и ми е убо. Убав ми е секој ден. Тука ми се родителите, роднините, брачедите, другарите и пријателите. Тука ми се гробиштата на моите дедовци и баби. Тука јас создавам и се мачам веќе 20 години по ред. И си го имам то шо го сакам. Доста ми е. Роден град, спомени, фамилија и средства за егзистенција. Друго не ми треба оти тоа нема да биде живот, тоа ќе биде еден бескрај, една провалија која ќе заврши баш тогаш кога ќе заврши и мојот живот, сам некаде во туѓина, закопан во земјата каде никој нема да доаѓа и посетува и свеќа да ми пали…

Живото е еден и само еден да се помини некаде далеку, во чуждина. Има уште многу, ама доста е знам дека ќе ме разберете. 

Битола била и ќе биди…

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here