МОТОРЏИИТЕ ОД „МК КОНЗУЛИ“ ЈА ИМААТ НАЈДОБРАТА ЧКЕМБЕ ЧОРБА: ГЛАВНИОТ МАЈСТОР БИЛ СОПРУГАТА, А ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НЕ ЈАДИ ЧКЕМБЕ!

од • October 16, 2026 • 0 коментари

Моторите, адреналинот и добрата дружба се нивното секојдневие, но овојпат моторџиите од „МК Конзули“ – Битола решија да ги заменат моторите со казан, а брзината со трпение и кулинарска мајсторија.

И тоа им успеа! На годинашниот „Чкембе фест“ во Битола, нивната чкембе чорба го освои првото место и ја понесе шампионската титула.

Но, зад победничкиот рецепт се крие и една интересна приказна.

„Ние моторџиите сме навикнати на добра дружба, адреналин и предизвици. Овојпат решивме наместо на моторите, да покажеме што знаеме и покрај казанот. А изгледа дека имаме талент и за гас и за оган! Не дојдовме само да учествуваме, туку со срце, желба и љубов кон традицијата“, раскажуваат од клубот.

Главниот мајстор на победничката чорба, всушност, била сопругата на претседателот на клубот!

„Главниот мајстор беше мојата сопруга, а околу неа имаше екипа што помагаше, даваше поддршка и, нормално, пробуваше! Секој си имаше своја улога, ама најважно е што бевме заедно и функциониравме како тим”, раскажува претседателот на клубот Ромео Јовановски.

А која е тајната на најдобрата чкембе чорба?

Според моторџиите, добрите состојки, трпението и љубовта се основата на секој добар рецепт. Сепак, некои детали од шампионската комбинација ќе останат мала тајна.

На шеговитото прашање дали можеби тајната е во водата од Драгор, одговорот бил во вистински битолски дух:

„Хахаха, ако беше само до водата од Драгор, сите ќе беа шампиони! Ние си имавме наша проверена комбинација: добри состојки, вистинска мајсторија и многу љубов. А најважната состојка беше добрата енергија на нашиот тим!“

Но, најинтересното допрва следува, претседателот на клубот, иако бил дел од подготовката на победничката чорба, воопшто не јаде чкембе!

„Јас лично не ја пробав, бидејќи не јадам чкембе чорба. Екипата беше тука за дегустација и ми кажуваше кога вкусот е како што треба. На крајот, кога го освоивме првото место, знаевме дека трудот ни се исплател!“

А бидејќи во Битола победата е најслатка кога ќе се сподели со другите, моторџиите имаат и едно убаво ветување.

Во недела ќе подготват чкембе чорба со која ќе ги почестат битолчани, особено Чкембарите!

„Што се шампиони ако не знаат да ја споделат радоста со другите? Нека дојдат и Чкембарите и моторџиите, за сите ќе има дружба и добра атмосфера.“

За одбрана на титулата следната година веќе размислуваат, а не ја исклучуваат ниту можноста еден ден да отворат своја моторџиска чкембара.

„Засега ќе си возиме мотори, ќе се дружиме и ќе готвиме со мерак. А догодина, здравје, повторно ќе покажеме што знаат Конзули!“

И така, битолските моторџии покажаа дека за шампионска титула не се потребни само коњски сили, туку и добра екипа, мерак и вистински осет за казанот.

Моторите се нивна љубов, ама чкембето им донесе прво место!

Бабам Битола

Babam Bitola

Comments are closed.