Битола уште еднаш покажа дека добрата храна, традицијата и дружењето се нераскинлив дел од нејзиниот градски дух. На првото издание на „Чкембе фест Битола 2026“, кое викендов се одржува на плоштадот „Магнолија“, беа избрани најдобрите мајстори во подготовката на традиционалната чкембе чорба.

Првото место го освои екипата на мото клубот „Конзули“ од Битола, во состав Сузана Јовановска, Даниела Талевска и Виолета Арминовска, кои со својот специјалитет успеаја да ги освојат симпатиите и високите оценки на жирито.
Второто место му припадна на тимот на хотел „Молика“, додека третопласирана беше екипата на „Џони мезалок“ од Куманово.
Посебното признание, Гран-при наградата на фестивалот, ја освои битолскиот ресторан „Корзо“, со што уште еднаш се потврди богатата гастрономска традиција на градот.
На натпреварот учествуваа десет екипи од Македонија, Турција и Унгарија, кои ги претставија своите рецепти, кулинарски вештини и различни начини на подготовка на овој традиционален специјалитет.
Покрај натпреварувачкиот дел, посетителите имаа можност да уживаат во културно-забавна програма, музика, фолклор и дружење во срцето на Битола.
Првото издание на „Чкембе фест“ покажа дека традиционалната кујна може да биде одличен повод за меѓународно гастрономско поврзување и збогатување на туристичката понуда на градот.
Фестивалот завршува денес, 11 октомври, по тридневната програма на плоштадот „Магнолија“.
Ако некогаш чкембе чорбата беше препознатлив специјалитет на старите битолски кафеани, денес таа доби и свој фестивал. А судејќи според интересот и атмосферата, Битола има добра основа за уште една убава традиција.
