Монографија за манастирот „Свети Меркуриј“ кај Барешани – сведоштво за верата и чудата низ вековите

од April 17, 2026 0 коментари

Манастирот „Свети Меркуриј“, сместен на околу седум километри од Битола, во селото Барешани, повторно го привлекува вниманието на верниците и љубителите на духовното наследство, овојпат преку нова монографија посветена на неговата богата историја и значење.

Изграден во периодот од 1832 до 1836 година, манастирот претставува едно од највпечатливите духовни светилишта во регионот. Патот до него е јасно обележан, овозможувајќи им на сите намерници лесно да стигнат до ова мирно и благодатно место.

Монографијата на Верица Спасевска, која веќе бележи интерес и надвор од границите на државата, со продадени примероци во Австралија, Нов Зеланд, Америка, Канада, Шведска, Малта, Италија и други земји, ги раскажува случувањата и патешествијата низ кои минувал манастирот низ годините. Таа претставува сведоштво за верата, духовноста и чудата поврзани со ова свето место.

Особено внимание привлекуваат записите за крштевањето на Гоце Делчевиот соборец Ѓорѓи Сугарев, како и сведоштвата за исцелителната моќ на каменот и светата вода, кои со години привлекуваат верници од различни краишта. Многумина сведочат за добиената благодат, што дополнително придонесува за големата посетеност на манастирот.

Во текот на викендите, особено во сабота и недела, манастирскиот комплекс прераснува во вистинско „Македонија во мало“, собирајќи луѓе од сите делови на земјата.

Монографијата се продава во манастирот по симболична цена од 300 денари, а средствата се наменети за доизградба и унапредување на манастирскиот комплекс. Од манастирот упатуваат благодарност до сите кои со својата поддршка придонесуваат за зачувување и развој на ова значајно духовно светилиште.

Babam Bitola

Comments are closed.