Младите музички таленти од Битола и Македонија постигнаа извонреден успех на меѓународниот натпревар „Vienna Gala Fest“, кој се одржа со учество на натпреварувачи од повеќе држави ширум светот.

Натпреварот се реализираше преку видео снимки, а најдобрите учесници беа наградени со прва, втора и трета награда. Посебна чест за првонаградените беше можноста да настапат со свои точки во Виена, каде во рамки на настанот се одржаа два концерти и свечено им беа доделени дипломите.

Македонија имаше исклучително силно претставување, а меѓу првонаградените се најдоа и учениците од Државното музичко училиште од Битола, кои уште еднаш го потврдија квалитетот и посветеноста на оваа реномирана институција.

„Овој успех е резултат на континуираната работа, посветеноста и љубовта кон музиката кај учениците, но и на нивните професори. Горди сме што нашето училиште повторно се претстави на високо ниво на меѓународна сцена“, истакна директорката Марија Шамовска Буџаковски.
Меѓу наградените ученици од Битола со прва награда се:
Андреа Атанасовска, Алексеј Белевски, Лана Мицевска, Антонија Донеска, Климент Ристески, Берен Рамковска, Ана Ванчевска, Викторија Чавдаровска, Јана Стојковска, Михаела Лазареска, Алексеј Ивановски, Ена Крстеска, Фотина Наумоска, Марко Буџаковски, Јане Петровски, Бојана Бошкова, Николај Илијевски, Теона Буџаковска, Јан Неќак, Михаела Лажоска, Кристина Трајановска, Илијана Серафимова, Емануел Петрески, Ангел Кулески, Лусија Мајриковска, Симон Четелев и Михаил Алабаковски.

На натпреварот настапија и ученици од други музички училишта низ државата, кои исто така остварија значајни резултати:
Андреј Златески, Берен Рамковска, Јована Арсоска, Огнен Ристов, Ивана Милеска, Матеј Ставридис, Каја Атанасоска и Даниела Теова освоија прва награда, додека Андреа Атанасоска, Каја Поповска и Владимир Трајковски освоија трета награда.

Меѓународниот натпревар „Vienna Gala Fest“ е во организација на Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“ од Битола.
„Овој настан претставува уникатна можност младите пијанисти да ја почувствуваат магијата на настап во Виена и да се претстават на сцена од светски ранг“, додаде претседателката на здружението Јана Четелева Белевска.
Настапите се одржаа во престижната сала Eherbar Saal во Виена, позната по својата извонредна акустика и уникатен амбиент, како и можноста младите музичари да музицираат на пијано Bechstein.

Со овој успех, младите пијанисти не само што освоија високи награди, туку и направија значаен чекор напред во својот музички развој, претставувајќи ја Македонија во најдобро светло на меѓународната сцена.






