Младите пингпонгари и пингпонгарки на ППК Пелагонија од Битола остварија одлични резултати на денешниот Меѓународен меморијален турнир „Илија Карески – Каре“ во Прилеп, каде по голема борба во повеќе категории освоија голем број медали и пехари.

Особено се истакна Кристијан Митев, кој во категоријата до 15 години го освои првото место и златниот медал. Митев имаше успешен настап и во категоријата до 19 години, каде стигна до финалето и го освои второто место и сребрениот медал. Во финалниот меч беше поразен од својот клупски другар Дарко Китановски, кој го освои пехарот и златниот медал во оваа категорија. Китановски имаше одличен настап и во сениорска конкуренција, каде го освои третото место, бронзениот медал и парична награда од 50 евра.

Одличен резултат постигна и најмладиот претставник на битолскиот клуб, Марко Макаријоски, кој во категоријата до 13 години го освои второто место и сребрениот медал. Добар впечаток оставија и Даниел Жхоу Главевски и Андреј Бејковски, кои се пласираа меѓу осумте најдобри во своите категории.

Успешни настапи имаа и младите пингпонгарки на ППК Пелагонија. Натали Бејковска во категоријата до 15 години го освои пехарот и златниот медал, а во категоријата до 13 години се закити со сребрен медал и второ место. Калина Митева триумфираше во категоријата до 13 години со освоен златен медал, додека во категоријата до 15 години го освои второто место и сребрен медал.

Добар настап имаше и Ива Трајковска, која освои два бронзени медала и трето место во категориите до 13 и до 15 години.

Со овие резултати младите пингпонгари на ППК Пелагонија уште еднаш потврдија дека се меѓу најперспективните млади спортисти во државата и достојно го претставуваат Битола на меѓународната сцена.