Младите говореа храбро во Битола: Одржан ораторски натпревар во НУУБ „Св. Климент Охридски“

од May 14, 2026 0 коментари

Во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 13 април 2026 година се одржа Ораторски натпревар на тема: „Кому му припаѓаме, на себеси или на туѓите очекувања?“, на кој учество зедоа 16 ученици од средните училишта во Битола.

Настанот го отвори директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која на младите им посака успешен настап, охрабрувајќи ги да зборуваат слободно, искрено и без страв од грешки.

„Зборувајте храбро и не плашете се од грешки. Најголемите говорници не станале успешни преку совршенство, туку преку искреност, труд и верба во тоа што го кажуваат“, истакна Стефановска-Давкова.

Пред присутните се обратија и координаторите на настанот. Симона Петровска, професор по македонски јазик и книжевност од СОУ „Јосип Броз Тито“, Битола, потенцираше дека во време кога многумина зборуваат гласно, а малкумина навистина се слушаат, ораторството останува моќна алатка што ја чува мислата жива, поттикнувајќи критичко размислување, јавен настап и креативно изразување кај младите.

М-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, виш библиотекар во НУУБ „Св. Климент Охридски“, Битола, ги охрабри учениците да бидат генерација што ќе размислува критички, ќе поставува прашања, ќе предлага решенија и со својот глас ќе придонесува за подобра иднина.

Со свои ставови, размислувања и говорнички вештини, 16 ученици се обидоа да ја убедат тричлената комисија зошто токму нивниот став е најубедлив и највпечатлив.

Комисијата во состав: Магдалена Сајковска, наставник по македонски јазик во ОУ „Стив Наумов“ – Битола, Николина Ѓуровска, наставник по македонски јазик и литература во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола и Гордана Ѓоргиевска Неделковски, виш библиотекар во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, едногласно ги избра најдобрите оратори.

Првото место го освои Јана Китановска од СОУ „Јосип Броз Тито“ – Битола, второто место и припадна на Ана Јоновска од ОСМУ „Д-р Јован Калаузи“ – Битола, додека третото место го освои Антониј Кумановски од Државното музичко училиште – Битола.

Од библиотеката упатија честитки и до останатите учесници и нивните ментори, истакнувајќи дека сите ученици покажале храброст, зрелост и исклучителна желба за јавно изразување.

„Без разлика на тоа кој победи, сите заслужуваат еднаква почит“, беше пораката испратена до младите говорници, со желба и понатаму храбро, слободно и гласно да го кажуваат својот став.

Babam Bitola

Comments are closed.